Apple следната година конечно ќе го претстави својот преклопен iPhone, за кој долго време се шпекулира, а неговата цена ќе изнесува околу 2.000 долари, тврди добро информираниот новинар на Bloomberg, Марк Гурман.
Коментарите на Гурман за плановите на Apple за претставување на првиот преклопен уред на компанијата од Купертино укажуваат дека тој ќе се појави во 2026 година, а своите тврдења ги базира на информации од доверливи извори.
Аналитичарот Џеф Пу изјави дека преклоплопниот iPhone е веќе влезен во фазата New Product Introduction (NPI) во компанијата Foxconn и дека масовното производство ќе започне во втората половина на 2026 година.
Флексибилниот iPhone на Apple ќе има сличен стил како Samsung Galaxy Z Fold, кој користи механизам на преклопување во форма на книга, наместо „школка“ механизам како Galaxy Z Flip. Гурман тврди дека верзијата на Apple ќе има помал набор на екранот кога ќе се отвори, додека други извештаи велат дека тој набор практично нема да биде видлив со човечко око.
Според Гурман, уредот ќе користи екран, батерија, модем и процесор што Apple ги развил во процесот на развој на iPhone 17 Air – уред што оваа година ќе го замени Plus моделот во понудата на Apple.
Што се однесува до цената, Гурман очекува дека преклопливиот iPhone ќе чини околу 2.000 долари. Некои извештаи наведуваат почетна цена од 2.300 долари во САД, со што овој преклоплив паметен телефон би станал најскапиот iPhone во историјата. Ова се совпаѓа со претходните тврдења на аналитичарот Минг-Чи Куо, кој изјави дека преклопливиот iPhone ќе чини помеѓу 2.000 и 2.500 долари.