Apple вешто ја избегна казната од ЕУ за зададените веб-прелистувачи на iOS и iPadOS, овозможувајќи им на корисниците да изберат браузер без фаворизирање на Safari
Apple нема да биде казнет според Законот за дигитални пазари (DMA) на Европската унија поради начинот на кој ги поставува зададените интернет-прелистувачи на iPhone и iPad, дознава Reuters, повикувајќи се на извори блиски до истрагата што започна пред една година.
Иако Apple првично беше под лупа поради начинот на кој го промовира својот сопствен прелистувач Safari во рамките на iOS и iPadOS, извори запознаени со случајот тврдат дека американскиот технолошки гигант ќе избегне парични казни кои можеа да достигнат и до 10% од нивниот глобален годишен приход.
За да ја избегне казната, Apple во најновите верзии на своите оперативни системи им понуди на европските корисници екран за избор на прелистувач, кој прикажува листа на популарни алтернативи на Safari. Првата верзија на тој екран му даваше предност на Safari, но ситуацијата брзо беше исправена и сега нема фаворизирање на прелистувачот на Apple.

Дополнително, ако корисник избере друг прелистувач како стандарден, тој автоматски се презема и се појавува на истото место каде што претходно бил Safari. Со овој потег, Apple се усогласи со европските правила за пазарна конкуренција и на тој начин избегна високи казни.

