Американската компанија Hyperian Aerospace има намера да ја реализира идејата за хиперсоничен товарен авион, кој ќе може да лета со брзина од 10 Махa.
Станува збор за авионот HYPERLiner Cargo, кој според тврдењата на компанијата, ќе донесе револуција во глобалниот транспорт. Авионот ќе може да испорача 10 тони товар на кое било место во светот за помалку од 1,5 часа.
На пример, би можел да испорача 10 тони товар од Њујорк до Лондон за само 27 минути, до Дубаи за 54 минути, додека летот меѓу Њујорк и Сиднеј би траел час и 30 минути.
Планот на компанијата е да користи водород како гориво, што ќе помогне во намалување на емисијата на CO2 и заштита на животната средина.
Авионот е дизајниран да има екипаж, што значи дека не станува збор за дрон. За жал, засега нема повеќе детали за тоа.
Од компанијата велат дека воздушниот транспорт на товар е клучен за бизнисот, но создава многу метеж во воздушниот простор и придонесува за загадување. Затоа, планот е хиперсоничниот авион да користи компресиран водород како гориво и да транспортира товар со брзина до 10 Маха, со што ќе се избегне потребата од бавни авиони кои трошат многу гориво. Исто така, идниот авион ќе има нула емисија на CO2, што ќе помогне воздушната логистика да биде поевтина и поодржлива.
Hyperian Aerospace на својата интернет-страница прикажа неколку дизајни на хиперсонични авиони, вклучувајќи комерцијални патнички авиони, воени авиони за надзор и напади, хиперсонични вселенски авиони и дури и проектили.
Се споменува и леталото SKYLIFT со вертикално полетување и слетување (VTOL), кое може да прими 50 патници. Неговиот дострел ќе изнесува 4.828 километри. Целта е ова летало да служи за транспорт помеѓу помали заедници и поголеми транспортни центри.
Внимание привлекуваат и проектилите HYPERMissiles HM1 и HM3, чија брзина изнесува меѓу 15 и 25 Маха.
- HM1 може да биде поставен на кој било авион или фиксна лансирна рампа и ќе има дострел од 150 наутички милји (278 километри), а кинетичката енергија при ударот ќе изнесува околу 3,6 тони.
- HM2 би имал дострел од 1.000 наутички милји (1.852 километри) и кинетичка енергија поголема од 18 тони.
- Најнапредната верзија е HM3, со дострел од 11.000 до 22.224 километри и кинетичка енергија поголема од 113 тони.
Слично на HYPERLiner, воениот авион HYPERBomber би можел да лета со брзина од 10 Маха, со дострел од 12.000 наутички милји (22.224 километри) и би можел да пристигне на кое било место на Земјата за 1,5 часа.
САД се стремат кон напредок во хиперсоничната технологија за да ги следат Кина и Русија, земји кои веќе располагаат со хиперсонични проектили. Пекинг исто така тестира хиперсонични летала за други цели.
Иако сè уште се во фаза на дизајн, овие производи на американската компанија би можеле да ја сменат состојбата кога ќе станат реалност.