Google Maps отсега овозможува едноставно планирање на патувања со помош на скриншотови.
Google Maps станува уште покорисен и подобар, благодарение на новата функција што им овозможува на корисниците лесно да го организираат своето патување – само со помош на скриншотови. Кога ќе најдат интересна дестинација на интернет, многу корисници зачувуваат скриншотови за подоцна, но овие информации често остануваат неорганизирани и тешки за користење.
Новата функција на Google Maps, базирана на технологијата Gemini, ги анализира зачуваните скриншотови на телефонот и автоматски ги препознава локациите на сликите, прикажувајќи ги директно на мапата. На овој начин, корисниците лесно можат да ги следат своите зачувани дестинации, да ги споделат со пријателите и да креираат целосен план за патување.
Оваа функција засега е достапна само во САД и поддржува англиски јазик. Корисниците на iPhone имаат приоритетен пристап, додека верзијата за Android ќе стане достапна подоцна. Системот ги препознава локациите врз основа на текстот од скриншотовите, а не преку анализа на самата слика, бидејќи вештачката интелигенција сè уште не ги гледа фотографиите на ист начин како луѓето.
Покрај оваа опција, Google Maps воведува и нова функција – „Постави прашање за локацијата“. Корисниците можат да кликнат на одредено место на мапата и да користат вештачката интелигенција Gemini за да поставуваат прашања, како што се најдобриот пат до дестинацијата или препораки за ресторани во близина. Сепак, оваа функција сè уште е во тест фаза и не е достапна за сите корисници, а првичните тестови покажуваат дека во некои случаи има проблеми со вчитувањето на податоците.