Најновите извештаи укажуваат на трансформација на iPhone во личен здравствен асистент
Apple работи на развој на напреден AI систем во рамките на Health апликацијата, кој ќе им овозможи на корисниците персонализирани здравствени совети и нутриционистички препораки. Според ексклузивните информации што ги пренесува Марк Гурман од Bloomberg, оваа иновативна функционалност треба да биде имплементирана во текот на 2025 година како дел од ажурирањето iOS 19.4, интегрирајќи се со постојните апликации iPhone, Apple Watch и Health.
Клучните карактеристики на ова AI решение вклучуваат анализа на физиолошки параметри добиени преку Apple уредите, пристап до база на едукативни видео-содржини подготвени од медицински експерти, како и персонализирани препораки за исхрана и физичка активност. Системот ќе користи комбинација од машинско учење и медицински експертизи за да им обезбеди на корисниците релевантни информации – на пример, автоматско предупредување за потенцијални срцеви проблеми кога Apple Watch ќе детектира абнормален срцев ритам.
Дополнително, Apple развива и AI персонален тренер кој ќе биде интегриран со Fitness+ сервисот, нудејќи персонализирани тренинг-програми засновани на физиолошките карактеристики и целите на корисникот. Двата сервиси веројатно ќе бидат достапни преку претплата, како дел од проширените Health+ и Fitness+ платформи.
Иако официјалните детали сè уште не се објавени, аналитичарите очекуваат дека Apple ќе го претстави првиот концепт на новата услуга за време на претстојната WWDC конференција коај ќе се одржи од 9 до 13 јуни. Оваа иницијатива е дел од пошироката стратегија на компанијата да ги трансформира своите уреди во сеопфатни дигитални здравствени асистенти, што би можело да означи пресвртница во начинот на кој корисниците добиваат превентивни медицински совети и нега.