Curiosity на NASA откри најголеми органски молекули досега пронајдени на Црвената планета
Ова откритие е едно од најзначајните во потрагата по докази за минат живот на Марс, бидејќи на Земјата релативно сложените, долговерижни молекули на јаглерод се поврзани со биолошките процеси. Овие молекули можеби се фрагменти на масни киселини, кои, на пример, се составен дел на мембраните што ги опкружуваат биолошките клетки.
Научниците сметаат дека, доколку некогаш постоел живот на Марс, тој најверојатно бил микробен. Бидејќи микроорганизмите се екстремно мали, тешко е со сигурност да се потврдат какви било докази за живот на Марс. Таквата потврда бара помоќни научни инструменти, кои се преголеми за да бидат поставени на ровер.
Органските молекули што ги пронајде Curiosity се состојат од атоми на јаглерод поврзани во долги вериги, со други елементи како водород и кислород врзани за нив. Овие молекули потекнуваат од карпа стара 3,7 милијарди години, наречена Кумберленд, која роверот ја откри во исушено корито на езеро во кратерот Гејл на Марс. Научниците до ова откритие дојдоа со помош на инструментот SAM (Sample Analysis at Mars), кој е инсталиран на роверот на NASA.
Истражувачите првично бараа докази за аминокиселини, кои се основни градбени блокови на протеините и клучни елементи на животот каков што го познаваме. Сепак, ова неочекувано откритие е речиси подеднакво возбудливо. Резултатите од истражувањето се објавени во списанието Proceedings of the National Academy of Sciences.
Пронајдените молекули и нивното значење
Меѓу пронајдените молекули се декан, кој содржи 10 јаглеродни и 22 водородни атоми, и додекан, со 12 јаглеродни и 26 водородни атоми. Овие супстанции припаѓаат на алканите – вид хемиски соединенија познати како јаглеводороди.
Во март оваа година, научниците претставија докази за формации во друга карпа, анализирана на Марс со роверот Perseverance. Овие формации, наречени „леопардови дамки“ и „зрна од афион“, можеби настанале како резултат на активност на микроорганизми во далечното минато – но исто така е можно да не се биолошки. Овие наоди беа претставени на американска научна конференција, но сè уште не се објавени во научно списание со рецензија.
Мисијата Mars Sample Return, заеднички проект на NASA и Европската вселенска агенција, дава надеж дека примероците од карпи што ги собра Perseverance ќе бидат донесени на Земјата за анализа во лаборатории. Помоќните инструменти во земните лаборатории би можеле конечно да потврдат дали постојат јасни докази за минат живот на Марс.
Сепак, во 2023 година, независна ревизија го критикуваше зголемувањето на буџетот за Mars Sample Return, што ги натера агенциите да го преиспитаат начинот на изведување на мисијата. Во моментов се разгледуваат две ревидирани опции.
Знаци на живот на Марс?
Карпата Кумберленд е пронајдена во регионот на кратерот Гејл, познат како Yellowknife Bay. Овој регион содржи формации на карпи што потсетуваат на оние создадени со таложење на седимент на дното на езеро. Еден од главните цели на мисијата Curiosity е да испита дали условите на Марс некогаш биле погодни за развој на живот, а старото корито на езеро е совршено место за таква потрага.
Истражувачите веруваат дека алканите пронајдени во примерокот можеби некогаш биле дел од покомплексни молекули на масни киселини. На Земјата, масните киселини се составен дел на мастите и маслата. Тие настануваат преку биолошки процеси кои, на пример, помагаат во формирањето на клеточните мембрани.
Претпоставката дека масните киселини се присутни во овој примерок постои веќе неколку години, но новата студија донесува целосни докази за тоа. Масните киселини се долги, линеарни јаглеводороди со карбоксилна група (COOH) на едниот крај и метилна група (CH3) на другиот, формирајќи синџир од атоми на јаглерод и водород.
Долговерижни органски молекули – клучен податок за минатата населивост на Марс
Молекулите на мастите се состојат од две главни компоненти: глицерол и масни киселини. Глицеролот е молекул на алкохол со три јаглеродни атоми, пет водородни атоми и три хидроксилни (OH) групи. Масните киселини можат да имаат од 4 до 36 јаглеродни атоми, при што повеќето имаат меѓу 12 и 18. Најдолгите јаглеродни синџири пронајдени во Кумберленд имаат 12 атоми.
Органските молекули сочувани во древните марсовски карпи обезбедуваат клучни информации за минатата населивост на Марс и можеби претставуваат хемиски биопотписи, односно докази дека некогаш на Марс постоел живот.
Понатамошни анализи и идни истражувања
Примерокот од Кумберленд беше анализиран со инструментот SAM повеќе пати, користејќи различни експериментални техники. Уште во 2015 година, беа откриени првите, посложени органски молекули на Марс, вклучувајќи неколку класи на хлорирани и сулфурни органски соединенија во седиментните карпи на кратерот Гејл. Тие молекули содржеа до шест јаглеродни атоми, додека најновото откритие покажува двојно подолги јаглеродни синџири.
Алканите се значајни во потрагата по биолошки потписи на Марс, но сè уште не е јасно како точно настанале. Можно е тие да се резултат на геолошки или хемиски процеси кои не вклучуваат масни киселини или живот – процеси познати како абиотски извори.
Сепак, фактот дека овие молекули опстанале до денес, и покрај изложеноста на суровите услови на Марс милиони години, дава надеж на астробиолозите дека трагите од древен живот можеби сè уште можат да бидат детектирани и пронајдени.
Можно е примерокот да содржи уште подолги органски синџири, па дури и посложени молекули што би укажувале на живот, а не на геолошки процеси. За жал, инструментот SAM не е способен да ги детектира, па следниот чекор е да се донесат марсовските примероци во лаборатории на Земјата.
Мисијата Mars Sample Return треба да го овозможи ова, користејќи ги примероците што веќе ги собра Perseverance. Единственото нешто што недостасува во моментов е – буџетот, пишува Science Alert.