Европската вселенска агенција (ESA) додели договор од 150 милиони фунти на Airbus во Велика Британија за развој на систем за слетување наменет за роверот „Розалинд Френклин“. Тоа ќе биде првиот европски лендер за Марс, планиран за лансирање во 2028 година.
Договорот ќе биде финансиран преку Вселенската агенција на Обединетото Кралство и најверојатно ќе привлече меѓународни инвестиции и ќе одржи 200 висококвалификувани работни места во вселенскиот сектор на Велика Британија.
Марс роверот на ESA ќе користи уред на нуклеарен погон за да работи во сурова средина, каде температурите може да паднат и до минус 70 степени. Роверот ќе остане загреан благодарение на иновативните радиоизотопски греачи (RHUs), кои користат изотопи во распаѓање како што е америциум-241 за да генерираат топлина и електрична енергија.
Името го добила по клучниот научник во откривањето на ДНК, а за време на својата мисија ќе дупчи во почвата на Марс до длабочина од два метри за да собере примероци заштитени од радијација и екстремни температури. Неговата задача е да бара докази за минат живот, како што се фосилизирани микроби, и да открие индиции за потеклото на нашиот Сончев систем.
Мисијата се потпира на напредна британска роботика и автономна навигација, кои се исто така корисни во екстремни средини на Земјата, како што се нуклеарните централи и длабоките океани.
Тимовите на Airbus во Стивенејџ ќе ги дизајнираат механичките, термичките и погонските системи според договор со Thales Alenia Space за да обезбедат роверот безбедно да слета на Црвената планета. Ќе направат и структура за слетување, голем погонски систем за конечно „кочење“, како и опрема за слетување за стабилизирање на роверот кога ќе ја допре тлото.
Две рампи ќе бидат поставени на спротивните страни на лендерот за да се обезбеди најбезбедна рута за спуштање на роверот.
Научниците развиваат и панорамска камера (PanCam), која ќе биде дел од роверот. Во фаза на развој е и инфрацрвен спектрометар за идентификување на најперспективните карпи кога станува збор за дупчење и барање знаци на поранешен живот.
Airbus го дизајнираше и го произведе роверот во Стивенејџ пред да го достави во Thales Alenia Space во 2019 година. Лансирањето требаше да се случи во 2022 година, но беше одложено поради војната во Украина. Airbus, Thales и NASA продолжуваат да подобруваат различни елементи на роверот, вклучително и сместување на единицата RHU на NASA и нов софтверски режим за автономни операции по слетувањето.
Роверот треба да биде на тлото на Марс во 2030 година за да се избегне глобалната сезона на прашина.