По успешно завршените тестирања, компанијата Amazon конечно е подготвена за лансирање на првите сателити од својот проект за вселенски интернет наречен Project Kuiper, кој ќе биде ривал на Starlink на американскиот милијардер Илон Маск.
Првите 27 сателити во мисијата KA-01 (Kuiper Atlas 1) ќе бидат лансирани во ниска Земјина орбита (LEO) со помош на ракетата Atlas V од компанијата United Launch Alliance на 9 април од Cape Canaveral, доколку временските услови го дозволат тоа. Во Amazon се надеваат дека ќе можат да понудат брз интернет уште оваа година.
Мрежата на Amazon ќе се состои од 3.200 сателити лансирани во соработка со компаниите ULA, Arianespace, Blue Origin, па дури и SpaceX. Слично како и Starlink, Project Kuiper ќе ја покрива целата планета кога ќе биде целосно завршена констелацијата. Со мал сателитски сад со дијаметар од само 7 инчи – помал од Starlink Mini – ќе се овозможи брзина до 100 Mbps, додека со поголем сад ќе се достигне брзина до 1 Gbps. Цената на терминалот ќе биде под 400 долари.
Сателитите ќе бидат поставени на висина од околу 630 километри и ќе се движат со брзина поголема од 27.000 км/ч, што значи дека ќе направат круг околу Земјата за 90 минути. На нив има заштитен слој што треба да ја распрснува светлината и да ги направи помалку видливи за астрономите на Земјата.
Констелацијата Starlink на SpaceX моментално користи над 7.000 сателити, а кога Project Kuiper ќе биде комплетиран, вкупниот број на сателити на Amazon и SpaceX во ниската орбита ќе надмине 10.000.
Amazon во октомври 2023 година лансираше тест-сателити, кои успешно испраќаа и примаа податоци со брзина до 100 Gbps. Во декември мрежата беше унапредена со брза мрежа од ласерски вкрстени врски, кои ветуваат уште поголеми брзини. Amazon тврди дека мрежата може да пренесува податоци 30% побрзо во споредба со копнените оптички кабли.
Лансирањето на првите сателити ќе биде и најтешкиот товар што некогаш го понела ракетата Atlas V во орбитата, и познато е дека ќе полета во својата најмоќна конфигурација – со пет ракетни бустери покрај главниот бустер.
И покрај успешните тестирања, мисијата не е без ризик. Ова е првпат да се лансираат сателити од финалниот дизајн, а истовремено и најголем број досега.