Американски и холандски истражувачи развиле ултра-тенка, ултра-рефлектирачка мембрана која би можеле да ја носат вселенски летала низ Сончевиот систем.
Новата соработка помеѓу Универзитетот Браун и Технолошкиот универзитет во Делфт нѐ приближува до вселенски патувања со помош на едра што се движат на светлосен погон. Комбинирајќи ултра-тенки, високо рефлектирачки материјали со дизајн во нано размер оптимизиран со вештачка интелигенција, истражувачите изработиле светлосно едро со чија помош, како што теоретизираат неговите творци, во далечна иднина микролетала создадени од човек би можеле да достигнат незамисливи далечини.
Милијарди дупчиња
Новиот материјал и начинот на негово изработување се опишани во студија објавена во списанието Nature Communications. Прототипот на овој материјал е широк 60 милиметри и дебел едвај 200 нанометри, односно илјадници пати потенок од човечко влакно. Неговата површина е покриена со милијарди ситни дупчиња кои ја намалуваат тежината и ја зголемуваат рефлексијата. Уште поважно, велат истражувачите, процесот на изработка е скалабилен до димензии потребни за меѓуѕвездени патувања и може да се изведе на исплатлив начин.

Истражувањето, велат авторите, е инспирирано од иницијативата Breakthrough Starshot, започната од претприемачот Јури Милнер и покојниот физичар Стивен Хокинг. Целта е, накратко, да се користат ласери од Земјата за напојување на стотина метарски светлосни едра што ќе носат вселенски летала со големина на микрочип.
На крилјата на силициум нитрид
При изработката на прототипот на светлосното едро, истражувачите користеле еднослоен силициум нитрид – лесен материјал со висока цврстина, на кој му ја зголемиле рефлективноста и ја намалиле тежината за да постигнат поголемо забрзување. Оптимизацијата со помош на модели на вештачка интелигенција вклучувала и дупчење милијарди дупки со дијаметар помал од брановата должина на светлината.

Изработката на ваков дизајн со традиционални методи би била скапа и би траела дури 15 години; благодарение на иновативните решенија, целиот процес траел само еден ден и бил илјадници пати поевтин.



