Бил Гејтс ја одбележува 50-годишнината на Microsoft со објава на оригиналниот код за Altair BASIC — првиот софтверски производ на компанијата
По повод 50-годишнината од основањето на Microsoft, Бил Гејтс сподели дел од историјата што го означи почетокот на дигиталната револуција: оригиналниот изворен код за Altair BASIC, првиот софтверски производ што тој и покојниот Пол Ален го создадоа, а кој воедно ја покрена и самата компанија.
На својот блог Gates Notes, Гејтс објави фотографија на која држи дебела врзопка хартија со испечатен код, нарекувајќи го „најкул кодот што некогаш го напишал“. Во текстот се потсетува како во јануари 1975 година прочитал статија во списанието Popular Electronics за тогаш револуционерниот компјутер Altair 8800, кој го изработила компанијата MITS, пишува CNET.
Иако во тој момент немале готов софтвер, Гејтс и Ален ја контактирале MITS и тврделе дека веќе имаат верзија од програмскиот јазик BASIC прилагодена за чипот на кој работел Altair. „Имаше само еден проблем,“ пишува Гејтс. „Ние всушност го немавме.“
Следеле два месеци интензивно кодирање, дење и ноќе. Кога конечно го претставиле кодот на претседателот на MITS, тој се согласил да го лиценцира. Така настанал Altair BASIC, првиот производ на новата компанија која ја нарекле Micro-Soft — со цртичка, која подоцна ја исфрлиле. Остатокот, како што вели Гејтс, е историја.
Кодот стар 50 години сега може да се преземе директно од неговиот блог, а Гејтс заклучува: „Програмирањето премина долг пат во изминативе 50 години, но сè уште сум многу горд на тоа како испадна овој код.“