Samsung на CinemaCon го претстави својот LED екран за кино сали, кој нуди слика што е шест пати посветла и со поголема јасност – дури и во 3D.
На годинешниот CinemaCon, најголемиот светски собир на сопственици на кино сали, Samsung ја претстави својата нова технологија за прикажување филмови – Onyx Cinema LED. За разлика од традиционалните кина што користат проектори, Onyx од Samsung користи LED панели за прикажување на сликата.
Станува збор за екрани кои доаѓаат во различни димензии – од 5 до 20 метри, со поддршка за 4K резолуција при 120 Hz и максимална осветленост од 300 нити, што е дури шест пати повеќе од стандардната кино опрема. Благодарение на тоа, од Samsung велат дека гледачите можат да очекуваат многу појасна и повпечатлива слика, дури и при 3D проекции.
Кога станува збор за звукот, Onyx екраните имаат вградена поддршка за Harman технологијата за просторен звук, а се компатибилни и со Dolby Atmos, Meyer Sound, QSC и други прилагодени аудио системи.