GPMI е нов стандард за пренос на звук, слика и енергија, развиен од Кинескиот технолошки сојуз, кој нуди брзина до 192 Gbps и моќност до 480 W, со цел целосно да ги замени HDMI, USB4 и Thunderbolt.
Кинескиот сојуз за развој на видео-технологија во 8K резолуција, со поддршка од над 50 водечки технолошки компании од Кина, го претстави новиот стандард за кабелска конекција под името GPMI (General Purpose Media Interface). Оваа нова технологија ветува огромен напредок во однос на моментално доминантните стандарди како HDMI, USB4 и Thunderbolt, нудејќи пренос на податоци до 192 Gbps и испорака на енергија до 480 W – сето тоа преку еден единствен кабел.
GPMI доаѓа во две верзии. Првата користи класичен USB Type-C приклучок и нуди до 96 Gbps брзина со 240 W моќност, што е значително повеќе од USB4, кој овозможува максимум 40 Gbps. Втората верзија користи ново, наменски дизајнирано конекторско решение наречено Type-B, преку кое се постигнува полниот капацитет од 192 Gbps и 480 W.
За споредба, HDMI 2.1 нуди брзина на пренос до 48 Gbps, но без никакво напојување, додека Thunderbolt 5 останува на 80 Gbps и 240 W моќност. GPMI не само што ги надминува овие стандарди, туку овозможува и дополнителни функционалности, како што се брзо будење на уредите, двонасочна комуникација, поддршка за повеќе истовремени преноси на податоци и целосна заштита за време на преносот.
Интересен е фактот дека GPMI Type-C верзијата веќе добила лиценца од USB-IF организацијата, што отвора можност за нејзина компатибилност со постојните USB-C порти – барем во ограничен обем. Бидејќи повеќето модерни уреди веќе користат USB-C за полнење и пренос на податоци, оваа компатибилност може значително да го забрза прифаќањето на новиот стандард.
Стандардот исто така поддржува HDMI-CEC, што им овозможува на корисниците да управуваат со повеќе поврзани уреди со еден далечински управувач. Покрај тоа, GPMI овозможува и “daisy chaining” – поврзување на повеќе уреди во ланец без потреба од дополнителни кабли и порти.
Планот за развој предвидува GPMI прво да се имплементира во потрошувачката електроника, потоа во автомобилската и транспортната индустрија, а на крај и во индустриски апликации. Иако сè уште не е познато кога ќе бидат достапни првите уреди со GPMI стандардот, ниту кој е максималниот домет на каблите, технологијата веќе предизвика голем интерес, особено кај производителите кои сакаат да го намалат бројот на кабли без компромис во однос на моќноста и брзината на пренос.
Компании како TCL, HiSilicon, Hisense и Huawei го гледаат овој стандард како можност Кина да стане водечка сила во развојот на идните кабелски интерфејси. Останува да се види дали GPMI ќе успее да се избори за место на глобалниот пазар, особено надвор од Кина, каде што конкуренцијата и стандардизацијата играат клучна улога. Сепак, доколку успее, може да стане сериозна конкуренција на постоечките технологии и чекор кон поуниверзално и поефикасно дигитално поврзување, пренесува Tech Spot.