Експертите ги издвојуваат трите клучни новитети на Android 16: телефонот ќе изгледа и функционира сосема поинаку
Google на 20 и 21 мај ќе ја одржи својата годишна I/O конференција за програмери, на која ќе ја претстави најновата верзија на оперативниот систем – Android 16. Претседателот на Android екосистемот, Самир Самат, претходно потврди дека развојот тече исклучително добро, што укажува на можноста новиот систем да биде официјално објавен веќе во јуни. Што ново може да очекуваме? Порталот AndroidAuthority, преку анализа на бета-верзијата на Android 16, ги издвојува трите најважни функции:
Целосно нов панел за брзи поставки
Android 16 носи редизајниран панел за брзи поставки со поделен изглед, сличен на iOS системот. Кога корисникот ќе повлече надолу од левата страна на екранот, се прикажуваат известувањата, а повлекување од десната страна води до панелот со копчиња за поставки. Корисниците ќе можат самостојно да ја прилагодуваат големината на иконите – тие можат да останат правоаголни како досега, или да се намалат во квадратна форма, овозможувајќи поголема флексибилност во изгледот.
Прилагодливи икони на апликациите
Во Android 16, конечно ќе биде можно да се избере обликот на иконите на апликациите директно преку системот, без дополнителни апликации. Ќе бидат достапни шест различни стилови, меѓу кои се класичниот круг и квадрат, но и покреативни форми како „четириаголна форма што потсетува на бисквит“ или „детелина со три листа“. Иако досега корисниците можеа да ги менуваат иконите со помош на посебни апликации и „launcher-и“, сега таа опција е вградена директно во системот, олеснувајќи го создавањето персонализиран почетен екран.
Виџети на заклучениот екран
По неколкугодишна пауза, Android ја враќа една од своите препознатливи функционалности – виџети на заклучениот екран! Корисниците ќе можат да поставуваат елементи како список со задачи, календар, потсетници од Google Photos и слични додатоци, кои ќе можат да ги прегледуваат (па дури и користат) без да го отклучат телефонот. Apple веќе ја вгради оваа опција во iOS, а сега и Google сака повторно да им ја понуди на корисниците на Android уреди.
Важно е да се напомене дека овие функции можеби нема веднаш да бидат достапни во првата верзија на Android 16. Google планира да ја објави во две фази: првиот дел, кој се очекува во вториот квартал, ќе биде фокусиран на новите API-ја и функции, додека вториот дел – планиран за четвртиот квартал – ќе донесе дополнителни подобрувања и корекции на грешки.