Samsung првично го претстави „роботскиот придружник“ Ballie на почетокот на 2020 година, кој сè уште не стана производ што може да се купи. Меѓутоа, тоа ќе се промени ова лето, кога ќе стане достапен во САД и Јужна Кореја.
Во пресрет на доаѓањето на пазарот, претходно овој месец беше објавено тизер видео, а Samsung сега потврди дека Ballie ќе доаѓа со вграден Google Gemini AI асистент. Во соопштението воопшто не се спомнува Bixby, па постои можност дека асистентот на Samsung едноставно е „отстранет“.
„Во ова партнерство, Samsung и Google Cloud ја редефинираат улогата на AI технологијата во домот. Со спојување на моќното мултимодално ‘размислување’ на Gemini со AI можностите на Samsung во роботот Ballie, ја користиме моќта на отворената соработка за да ја отклучиме новата ера на персонализиран AI придружник – оној што се движи со корисниците, ги предвидува нивните потреби и комуницира на подинамичен и посмислен начин од кога било досега“, изјави Јонгџае Ким, извршен потпретседател на секторот за визуелни дисплеи во Samsung Electronics.
„Со Gemini на Google Cloud, Samsung демонстрира имплементација на генеративна AI технологија во голем обем, директно интегрирајќи ја во срцето на своите популарни производи. Ова проширено партнерство со Samsung ја нагласува нашата посветеност да испорачаме доверлива AI технологија, која носи долгорочна вредност за нашите клиенти и нивните корисници“, изјави Томас Куриан, извршен директор на Google Cloud.
Ballie ќе ги користи мултимодалните способности на Gemini и јазичните модели на Samsung за обработка и разбирање на влезови како што се звук и говор, визуелни податоци од неговата камера, како и сензорски податоци од околината. На овој начин ќе може да го прилагодува своето однесување и одговори во реално време. Може да им помага на сопствениците во домот, со нивното здравје и благосостојба.
За жал, цената сè уште е мистерија, но Ballie дефинитивно нема да биде евтин.