Apple спроведе голема логистичка операција: околу 600 тони iPhone уреди се пренесени од Индија во САД за да се избегнат царините на Трамп
Apple спроведе голема логистичка операција, пренесувајќи околу 600 тони iPhone уреди – што е еквивалентно на 1,5 милион примероци – од Индија во САД, со цел да ги избегне високите царини кои постојано ги воведува американскиот претседател Доналд Трамп.
За транспортот на овие 600 тони iPhone-и биле користени шест изнајмени товарни авиони од индискиот град Ченаи. За да се забрза процесот, Apple постигнал договор со индиските аеродромски власти времето на царинење во Ченаи да се намали од 30 на само 6 часа. Овој „коридор“ е сличен на моделот што компанијата веќе го применува на кинеските аеродроми.
Стратешко дистанцирање од Кина
Apple интензивно го реорганизира својот глобален логистички ланец и се стреми да ја диверзифицира производството надвор од Кина, која со години беше главен производствен центар. Иако постојат претпоставки дека би можело да дојде до нови договори меѓу САД и Кина, се чини дека никогаш повеќе нема да биде како порано. Царините на увоз од Кина пораснаа на 125%, додека за увозот од Индија тие изнесуваат значително помали 26%. Сепак, оваа пониска стапка во моментов е суспендирана по најавата на Трамп за 90-дневна суспензија – но која не важи за Кина. Аналитичарите веќе пресметале дека цените на iPhone во САД би можеле значително да се зголемат, при што премиум моделите би можеле да достигнат цена повисока од 2.300 долари, наспроти сегашната од 1.599 долари.
Индија презема сѐ поважна улога
Според податоците на Counterpoint Research, Индија сега учествува со 20% во вкупниот број на iPhone уреди увезени во САД – што е значително зголемување во споредба со претходните периоди кога Кина доминираше во производството. Компанијата ги прошири капацитетите во фабриката на Foxconn во Ченаи, која лани произведе 20 милиони iPhone-и, вклучувајќи ги и најновите модели 15 и 16. За да се задоволи зголемената побарувачка, производството сега се одвива седум дена во неделата – што е новина во однос на претходниот распоред.
Царинските податоци покажуваат дека испораките од Индија во САД значително пораснале на почетокот на 2025 година – извозот достигнал 770 милиони долари во јануари и 643 милиони во февруари, што е далеку над просекот од претходните месеци.