Глобалната трка за вештачка интелигенција сè уште не е завршена. Времето за дејствување е сега, порачаа од Европската комисија.
Европската Унија претстави амбициозен акциски план со кој сака Европа да ја претвори во „континент на вештачката интелигенција“. Како што изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на самитот за дејствување во областа на вештачката интелигенција во февруари 2025 година во Париз, со оваа амбициозна иницијатива сакаат да ги трансформираат традиционалните индустрии на Европа и нејзиниот исклучителен талент во силни двигатели на иновации и забрзување во полето на вештачката интелигенција. Да потсетиме, тогаш беше најавена и иницијативата InvestAI за мобилизирање инвестиции во вештачка интелигенција низ цела Европа во износ од 200 милијарди евра.
Како што беше истакнато при претставувањето, со Акцискиот план за континент на вештачката интелигенција ќе се зајакнат иновативните капацитети на Европската Унија во оваа област преку мерки и политики засновани на пет клучни столба:
Изградба на обемна инфраструктура за податоци и пресметување во областа на вештачката интелигенција
Комисијата, преку мрежа на фабрики за вештачка интелигенција, ќе ја зајакне европската инфраструктура за вештачка интелигенција и суперкомпјутерство. Тринаесет од овие фабрики веќе се користат во водечките европски суперкомпјутери. Ќе се поддржуваат новоосновани компании, индустријата и истражувачите во развојот на модели и апликации за вештачка интелигенција во ЕУ.
Како што беше најавено во „Компасот за конкурентност“, ЕУ ќе помогне и во воспоставување гигафабрики за вештачка интелигенција — големи постројки со приближно 100.000 најсовремени чипови, што е четири пати повеќе од сегашните капацитети. Овие гигафабрики ќе ја комбинираат огромната пресметковна моќ и дата-центрите за обука и развој на комплексни модели на вештачка интелигенција од досега невиден обем. Тие ќе го предводат следниот бран иновативни ИИ модели и ќе ја задржат стратешката автономија на ЕУ во клучни индустриски сектори и науката, што ќе бара јавни и приватни инвестиции. Денес беше објавен повик за изразување интерес за заинтересирани конзорциуми.
Приватните инвестиции во гигафабриките дополнително ќе се поттикнат преку програмата InvestAI, со која ќе се мобилизираат инвестиции од 20 милијарди евра за најмногу пет гигафабрики низ Унијата.
За да се поттикнат инвестиции од приватниот сектор во капацитетите за облачно пресметување и дата-центри, Комисијата ќе предложи и Закон за развој на облачно пресметување и вештачка интелигенција. Целта е да се утројат капацитетите на дата-центрите во ЕУ во наредните пет до седум години, со приоритет на одржливите решенија.
Зголемување на пристапот до големи и висококвалитетни податоци
За да се поттикнат иновации во областа на ИИ, потребен е пристап до големи количини квалитетни податоци. Клучен елемент е создавањето на дата-лабаратории во фабриките за ИИ, кои ќе обединуваат и селектираат податоци од различни извори. Во 2025 година ќе биде активирана сеопфатна стратегија за унија на податоци, со цел создавање на вистински единствен пазар на податоци што ќе ги подобри решенијата за ИИ.
Развој на алгоритми и поттикнување на примена на вештачка интелигенција во стратешките сектори на ЕУ
И покрај потенцијалот на ИИ, само 13,5% од претпријатијата во ЕУ ја примениле оваа технологија. За да се развијат прилагодени решенија и да се поттикне нивната индустриска и јавна употреба, Комисијата наскоро ќе започне стратегија под името „Примени вештачка интелигенција“. Европската инфраструктура за иновации во ИИ — особено фабриките и дигиталните иновациски центри — ќе играат клучна улога.
Зајакнување на вештините и талентите во областа на вештачката интелигенција
Со цел да се одговори на зголемената побарувачка за таленти, Комисијата ќе ја олесни меѓународната мобилност на висококвалификувани експерти преку иницијативи како што се базата на таленти, програмата „MSCA Select Europe“ и стипендии на идната Академија за вештини во ИИ. Овие мерки ќе помогнат во креирање легални миграциски патишта за талентирани професионалци од трети земји, но и ќе ги вратат врвните европски експерти назад во Европа. Ќе се развијат и едукативни програми за обука и преквалификација во ИИ и генеративна ИИ за клучните сектори.
Вештачката интелигенција во срцето на конкурентна, безбедна и технолошки суверена Европа
Глобалната трка за вештачка интелигенција сè уште не е завршена. Време е за дејствување. Во овој акциски план се наведуваат клучните области каде што треба да се засилат напорите за Европа да стане водечки континент за вештачка интелигенција. Работиме на иднина во која технолошките иновации ги поттикнуваат индустријата и јавните услуги, носејќи конкретни придобивки за граѓаните и компаниите преку доверлива вештачка интелигенција — посилна економија, напредок во здравството, нови работни места, зголемена продуктивност, подобар сообраќај и образование, посилна заштита од кибернетички закани и поддршка во борбата против климатските промени, истакна Хена Вирккунен, извршна потпретседателка за технолошки суверенитет, безбедност и демократија.
Со овој акциски план, Комисијата денес отвора две јавни консултации, кои ќе траат до 4 јуни 2025 година, за дополнително обликување на овие иницијативи.
Истовремено ќе се организираат дијалози со претставници од индустријата и јавниот сектор за да се помогне во обликување на стратегијата за примена на ИИ. Во тие дијалози, заедно со јавните консултации, ќе се идентификуваат примери на неискористен потенцијал, моменталната интеграција на ИИ во процесите и можностите за раст.