Батериите се клучен дел од денешните електронски уреди, но истовремено заземаат многу простор во нив, па уредите често мораат да бидат прилагодени по форма за да можат да ги соберат соодветните батерии.
Тим шведски научници сега произведе батерија која е течна и која може да се прилагоди на уредите, наместо обратно. Научници од Универзитетот Линчепинг во Шведска дизајнирале мека батерија која може да се обликува и која отвора врати за нови носливи технологии. Нивното истражување претставува батерија направена од течни електроди, овозможувајќи прилагодливи форми без да се нарушат перформансите на батеријата.
Традиционалните батерии се цврсти, што ги прави неподобни за беспрекорно вградување во меки уреди. Батериите се најголемата компонента на целата денешна електроника, но се крути и прилично гломазни. Со мека и прилагодлива батерија, нема ограничувања во дизајнот. Таа може да се вгради во електрониката на сосема поинаков начин и да се прилагоди на корисникот, вели Ајман Рахманудин, доцент на Универзитетот Линчепинг и еден од авторите на истражувањето, кое е објавено во списанието Science Advances.
Наместо да се потпира на механичка флексибилност, како кај претходни дизајни кои користеле гумени материјали или лизгачки конектори, оваа батерија користи сосема поинаков пристап – претворање на цврстите електроди во пастеста течност.
Електродите се направени од конјугирани полимери и лигнин, рециклиран нуспроизвод од производството на хартија. Бидејќи материјалите во батеријата се конјугирани полимери и лигнин, тие суровини ги има во изобилство. Со пренамена на нуспроизводи како лигнинот во вредни производи, како материјали за батерии, придонесуваме за моделот на кружна економија. Тоа е одржлива алтернатива, вели Мохсен Мохамади, постдокторанд на споменатиот универзитет и коавтор на истражувањето.
Батеријата може да се растегне двојно по должина, да се полни повеќе од 500 пати и да ја задржи својата функционалност. Претходни дизајни кои користеле течни метали не биле успешни поради проблеми како стврднување и ограничена функција само како анода.
И покрај успехот во постигнување на флексибилност, потребни се подобрувања на перформансите на оваа батерија. Батеријата не е совршена. Покажавме дека концептот функционира, но перформансите треба да се унапредат. Напонот во моментов е 0,9 волти. Сега ќе разгледаме користење на други хемиски соединенија за зголемување на напонот. Една од опциите што ги истражуваме е употребата на цинк или манган – два метала кои се чести во Земјината кора, вели Рахманудин.