iPhone доминира меѓу младите во САД, Android сè поретка појава
Според најновиот извештај на инвестициската банка Piper Sandler за навиките на американските тинејџери за пролетта 2025 година, дури 88% од испитаниците користат iPhone, додека пред десет години тој процент изнесувал 66%. Истражувањето опфатило повеќе од 6.000 тинејџери со просечна возраст од 16 години.
Интересен е и фактот што ист број – 88% – изјавиле дека и нивниот следен телефон мора да биде iPhone, а 25% веќе планираат да преминат на новиот iPhone 17. Овие податоци укажуваат на силна лојалност кон брендот Apple и изразена доминација на iPhone уредите меѓу младите.
Истражувањето го истакнува и социјалниот притисок што постои меѓу американските тинејџери – користењето на Android телефон може да доведе до чувство на исклученост од друштвото, па дури и до потсмев од страна на врсниците. На секои 10 тинејџери, само 1 користи Android уред.
Сепак, и покрај успехот со хардверот, Apple се соочува со предизвици кога станува збор за сервисите. Поголемиот дел од младите не се заинтересирани за претплатничките услуги на Apple, како што се Apple Music и Apple TV+, што укажува дека компанијата сè уште не го пронашла вистинскиот модел за привлекување на помладата публика на тој план.
Истражувањето исто така покажува дека Instagram е најпопуларната социјална мрежа, додека интересот за платформи како Netflix (31%) и YouTube (26%) е во опаѓање кај оваа возрасна група.