Надградбата на верзијата Edge 134 ќе ги подобри перформансите на новиот Microsoft прелистувач до 9%, мерено со Speedometer 3.0 бенчмарк програмата, како на Windows, така и на macOS.
Минатата недела, Microsoft објави интересна информација која се однесува на нивниот интернет прелистувач базиран на Chromium – Microsoft Edge. Според нивните тврдења, новата надградба на Edge 134 ќе ги подобри перформансите на прелистувачот до 9% при сурфање на веб, мерено со стандардниот бенчмарк Speedometer 3.0.
Подобрите перформанси што биле измерени се движат, за општото работење на прелистувачот, меѓу 3 и 9%, во зависност од околината, покажал Speedometer. Објавени се и малку подетални податоци засновани на Edge телеметрија, односно од „терен“ и реални услови на користење на Windows и macOS. Според тие мерења, навигацијата е забрзана за 1,7%, стартувањето на прелистувачот за 2%, а респонзивноста на веб-страниците кај крајните корисници пораснала за 5 до 7%. Сите овие подобрувања се измерени во споредба со претходната верзија, Edge 133.
„Нашиот уникатен пристап и фокусираност на оптимизација на брзината, како и постојаните измени на кодот што ги правиме во Edge и во Chromium engine-от за рендерирање во него, доведоа до подобрување на перформансите во реални услови при користење на различен хардвер на Windows и macOS“, велат од развојниот тим на Edge.
Сепак, сите тие „постојани подобрувања“ досега не влијаеле значајно на популарноста на Edge кај корисниците – неговиот пазарен удел во светот на прелистувачи и понатаму изнесува околу 5%, со речиси незабележливи промени во текот на изминатата година.