OpenAI планира да пушти во употреба унапредени и полесни верзии на своите AI модели, меѓу кои и новата верзија GPT-4.1, и тоа веќе следната недела.
OpenAI се подготвува за претставување на новата генерација на вештачка интелигенција, вклучувајќи модел кој најверојатно ќе го носи името GPT-4.1, според извори запознаени со плановите на компанијата. Станува збор за унапредена верзија на претходно претставениот мултимодален модел GPT-4o, кој овозможува резонирање преку текст, слика и звук во реално време.
Се очекува GPT-4.1 да биде лансиран веќе следната недела, заедно со помалите варијанти на истиот модел – GPT-4.1 mini и nano верзии, кои најверојатно ќе бидат наменети за поефикасна работа на послаб хардвер или во специфични услови.
Покрај тоа, OpenAI се подготвува и за лансирање на целосната верзија на модел за резонирање под името o3, како и неговата полесна верзија o4 mini, кои би можеле да бидат објавени дури и пред GPT-4.1.
Ако не дојде до промени во плановите, сите овие модели би требало да се појават следната недела, со што OpenAI дополнително го проширува својот портфолио и се обидува да одговори на сè поголемата конкуренција во областа на генеративната интелигенција.
ChatGPT сè поблиску до улогата на личен асистент
Во изминатите месеци, Google Gemini и DeepSeek постојано напредуваа, сè повеќе приближувајќи се до водечкиот модел на OpenAI. Се очекува новите модели на OpenAI повторно да ја преземат водечката позиција.
Директорот на OpenAI, Сем Алтман, најави големи подобрувања на меморијата во ChatGPT, што значи дека AI chatbot-от ќе може да ги памети сите разговори со корисникот.
Ова унапредување, кое најверојатно ќе биде дел од новиот GPT модел, му овозможува на ChatGPT да направи нов чекор кон улогата на личен асистент – без разлика дали станува збор за повикување на претходни разговори или целосна свест за претходните интеракции со корисникот, новата функција за меморија претставува значителен исчекор.
Без разлика како ќе се вика, доаѓањето на новиот модел на OpenAI претставува голем настан, и доколку изворите се точни, лансирањето што не очекува во наредните денови би можело да означи уште еден важен чекор кон AI иднината кон која тежнеат технолошките лидери, пренесува Tech Radar.