По вторпат во речиси пет години од претставувањето, Sony ги зголеми цените на PlayStation 5. Овојпат поскапе дигиталната верзија на конзолата.
Sony повторно ги зголеми цените на PlayStation 5 во Европа. Овојпат „на удар“ е само верзијата Digital Edition, барем во нашиот регион, која поскапува за 50 евра. Тоа значи дека цената на конзолата ќе биде 500 евра – исто колку што во 2020 година чинеше стандардната верзија со оптички уред.
„Во контекст на предизвикувачка економска средина, вклучувајќи висока инфлација и флуктуирачки курсеви на валути, донесовме тешка одлука за зголемување на препорачаната малопродажна цена на PlayStation 5“, напишаа од Sony на својот блог.
Но, за да не биде сè толку мрачно, Sony ја намали цената на Blu-ray читачот. Наместо досегашните 140 евра, купувачите сега ќе плаќаат 80 евра. Промените во цените веќе стапија на сила.