Apple за првпат во историјата го надмина Samsung по бројот на испорачани уреди и се искачи на врвот на глобалниот пазар на паметни телефони.
Според новиот извештај на Counterpoint Research, Apple во првиот квартал од 2025 година го зазеде првото место на глобалниот пазар на паметни телефони според бројот на испораки, што е првпат досега.
Имено, во периодот од јануари до март, Apple оствари пазарен удел од 19% со раст на испораките од 4%. На успехот значајно придонесе претставувањето на моделот iPhone 16e, иако продажбата на западните пазари, како што се САД, Европа и Кина, стагнираше или беше во опаѓање. Сепак, Apple забележа силен двоцифрен раст во Јапонија, Индија, Блискиот Исток, Африка и Југоисточна Азија.
Од друга страна, Samsung падна на второто место со пазарен удел од 18%, забележувајќи 5% помалку испораки во однос на истиот период минатата година. Сепак, јужнокорејската компанија забележа закрепнување во март благодарение на доаѓањето на серијата Galaxy S25, особено моделот S25 Ultra, кој има поголем удел во продажбата од својот претходник.
Податоците на Counterpoint покажуваат дека на третото место е Xiaomi со удел од 14% и раст од 5%, пред сè поради силното работење во Кина и проширувањето на нови пазари. Меѓу сите производители, Vivo забележа најголем раст од 6% во однос на истиот период минатата година и се изедначи со Oppo, кој има 8% пазарен удел, но со мал пад во испораките.
Севкупно, глобалниот пазар на паметни телефони пораснал за 3% во првиот квартал од оваа година, но аналитичарите на Counterpoint сепак предвидуваат благ пад до крајот на годината во однос на 2024 година, пред сè поради американските царински мерки.