Поради технички проблем кој им оневозможи на некои корисници на Galaxy S24 да ги отклучат своите уреди, Samsung ја запре надградбата на One UI 7.
Samsung привремено го запре глобалното воведување на најновата верзија на своето корисничко интерфејс решение, One UI 7, откако беше откриен сериозен технички проблем што спречи дел од корисниците да ги отклучат своите телефони од серијата Galaxy S24.
Иако засега поплаките пристигнуваат главно од корисници во Јужна Кореја, Samsung одлучи да ја запре надградбата на сите пазари за да го спречи можното ширење на проблемот. Надградбата на One UI 7 беше пуштена уште минатата недела за Galaxy S24, S24+, S24 Ultra, како и за Z Fold 6 и Z Flip 6, и беше достапна и за корисниците во другите земји.
Според The Verge, Samsung сè уште нема официјално соопштение за паузирањето на надградбата, ниту се најавени конкретни чекори за корисниците кои веќе ја инсталирале. Дополнително, не е познато кога јужнокорејската компанија ќе продолжи со воведувањето на One UI 7, кој и онака веќе доцни.