Apple не сака да брза со претставувањето на преклоплопниот iPhone бидејќи наводно е загрижен за наборот на местото каде што се свиткува екранот.
Изгледа дека Apple конечно влегува на пазарот на преклопливи паметни телефони. Според информациите од Business Korea, технолошкиот гигант од Купертино планира да го претстави својот прв преклоплив iPhone во втората половина на 2026 година, и тоа благодарение на Samsung Display, кој успеал да ја реши клучната пречка – изразениот набор на екранот.
За разлика од вообичаената стратегија на Apple која вклучува користење на екрани од повеќе добавувачи, овојпат флексибилните OLED екрани ќе ги произведува исклучиво Samsung Display. Станува збор за значаен и донекаде неочекуван пресврт, но и голема победа за Samsung, кој во последните години бележеше значителен пад на пазарниот удел во сегментот на екрани.
Според неофицијални информации, преклопливиот iPhone ќе има надворешен 5,5-инчен OLED екран и внатрешен екран од 7,8 инчи, што го става во директна конкуренција со претстојниот Galaxy Z Fold 8 од Samsung. Станува збор за таканаречен „book-style“ уред кој се преклопува како книга, па Apple најверојатно ќе го позиционира како уред наменет за професионалци и деловни корисници кои би имале корист од поголемиот екран.
Имајќи го тоа предвид, лесно е да се заклучи дека и цената нема да биде ниска. Првичните проценки укажуваат дека преклопливиот iPhone ќе чини повеќе од 2.000 долари, но со оглед на неодамнешните царински мерки, конечната цена би можела да биде и повисока од очекуваното. Почетната производна цел на Apple за преклопливиот iPhone ќе биде 9 милиони примероци годишно, со можност за зголемување до 15 милиони, во зависност од интересот на купувачите.