Нова безбедносна функција на Android телефоните автоматски го рестартира уредот по три дена неактивност, со задолжително внесување на PIN код
Android воведува нова безбедносна функција која автоматски ќе ги рестартира уредите доколку корисникот не го отклучи телефонот три последователни дена. Оваа опција, која е дел од најновото ажурирање на Google Play Services (верзија 25.14), има за цел дополнителна заштита на податоците и отежнување на пристапот за неовластени лица.
Кога ќе се изврши автоматскиот рестарт, уредот преминува во т.н. BFU состојба („Before First Unlock“) во која сите кориснички податоци се шифрирани, а биометриската автентикација (како отпечаток од прст или препознавање лице) е оневозможена. Во таа состојба, корисникот мора да внесе PIN код за да пристапи до уредот.
Оваа промена се однесува на Android телефони и таблети, но не и на други категории како Android Auto, TV или WearOS уреди.
Иако сè уште не е прецизирано кога точно функцијата ќе биде достапна на сите уреди и кои модели ќе бидат опфатени, познато е дека функциите што се воведуваат преку Google Play Services обично се појавуваат во рок од една до две недели по објавата.
Apple веќе воведе слична опција на iPhone уредите преку iOS 18.1, каде што автоматски рестарт се активира по четири дена неактивност.
Засега не е познато дали Android уредите ќе прикажуваат посебна нотификација за причината за рестартирање, но веќе постои порака на екранот за внесување PIN по секое рестартирање, која укажува дека внесување на лозинка е задолжително, пренесува The Verge.


