Уште една причина за потенцијална идна тужба против Meta е одлуката на компанијата да ја исклучи можноста за користење на Apple Intelligence функциите на уредите на Apple во своите апликации.
Според пишувањето на 9to5Mac, алатките Writing Tools, кои им овозможуваат на корисниците да создаваат, уредуваат и проверуваат текст со помош на Apple Intelligence, повеќе не се достапни во ниту една од апликациите на Мета, вклучувајќи ги Facebook, WhatsApp и Threads.
Вообичаено, корисниците на iPhone и iPad можат да пристапат до Writing Tools со допир на текстуално поле. Сепак, во iOS апликациите на Мета таа опција не е достапна. Апликациите на Мета исто така не им дозволуваат на корисниците да креираат и споделуваат Genmoji – прилагодени емотикони на Apple генерирани со вештачка интелигенција. Извештајот наведува дека Мета ја отстранила и можноста за додавање налепници од тастатурата и Memoji во Instagram Stories – нешто што претходно било возможно.
Apple Intelligence беше претставен со iOS 18 и е достапен од октомври минатата година, кога Apple го објави iOS 18.1. Иако повеќето апликации автоматски поддржуваат Apple Intelligence, програмерите можат да одлучат да не ги вклучат тие функции во своите апликации – што очигледно е одлуката на Мета.
Најверојатната причина за оваа одлука на Мета е намерата да ги мотивира корисниците да го користат Meta AI наместо Apple Intelligence. Meta AI е достапен во речиси сите апликации на Мета и исто така им овозможува на корисниците да создаваат и уредуваат текст, како и да генерираат слики.
Извештај на Wall Street Journal минатата година откри дека Apple и Мета разговарале за потенцијално партнерство со кое Llama, јазичниот модел на Мета, би бил интегриран во Apple Intelligence. Сепак, Apple наводно се откажал од договорот поради несогласување со политиките за приватност на компанијата. Apple и Мета исто така често се судираат околу правилата на App Store.