Нова функција за памтење во ChatGPT и овозможува на алатката да се сеќава на вашите претходни разговори и преференции, што отвора врата за подлабока интеракција.
OpenAI тивко го лансираше едно од своите најзначајни ажурирања досега – трајно памтење за ChatGPT. Иако на прв поглед изгледа како мала техничка надградба, оваа промена може целосно да го трансформира начинот на кој комуницираме со вештачката интелигенција во годините што доаѓаат.
Досега ChatGPT имаше прилично ограничено паметење: сè што ќе кажевте ќе беше заборавено штом ќе го затворевте прозорецот, освен ако рачно не означевте одредени информации за чување. Сега сè се менува. ChatGPT може да пристапи до целата ваша историја на разговори за да одговори на нови барања. Тоа значи дека ќе ве „познава“ – вашите проекти, стилот на комуникација, дури и ситни лични навики – и ќе го користи тоа знаење за да ви понуди поперсонализирана помош.
На прв поглед, тоа значи повеќе практичност: ако претходно сте побарале рецепт, ChatGPT може да праша дали ви се допаднал претходниот и да понуди нешто слично. Ако сте зборувале за бајка за добра ноќ, следниот пат ќе продолжи во истиот дух. Во нешта како пишување, учење или креативно создавање, ова носи нова димензија – соработка што трае.
Но, со ваква функција доаѓаат и компликации.
Се поставува прашањето за приватноста: колку навистина сакаме нашиот AI да знае за нас? Дали сакаме да се сеќава на секоја идеја што сме ја испробале, дури и ако не сме ја сфатиле сериозно? На пример, ако од љубопитност сте прашале за патување во Јапонија, а ChatGPT подоцна го земе тоа како дел од вашите планови – работите можат да станат чудни. Ќе биде потребно бришење или дополнително објаснување – бидејќи AI не е свесен за контекстот, туку само го користи она што го научил од текстот.
Тука е и филозофското прашање: кога AI памети, кога се „сеќава“ на нашиот миленик, омилениот тим или стилот на пишување – дали несвесно почнуваме да го доживуваме како личност? Лесно е да му веруваме на алат што нè познава. Можеби дури и премногу лесно.
Сепак, колку и да е предизвикувачко, оваа функција носи конкретен напредок. Таа не го претвора AI во личност, но го прави покорисен соработник. Паметењето е она што го разликува алатот од асистентот. И без разлика што е „во облак“ и нема свест – убаво е да се знае дека ќе ги запамети ситниците што го прават животот полесен.
Во свет што станува сè подигитализиран и воден од алгоритми, можеби токму преку ваквиот однос со AI ќе почнеме да препознаваме како технологијата може да биде навистина персонализирана – без разлика дали пишуваме, учиме, планираме… или едноставно бараме некој што ќе нè сослуша, пишува Tech Radar.