Според колекционерот на прототипи и познат дојавувач Kosutami, Apple работи на нов хедсет наречен Vision Air со потенок и полесен дизајн и финиш во Midnight боја.
Во нова објава на платформата X, дојавувачот објаснува дека Vision Air ќе има потенок дизајн и дека куќиштето за батеријата, како и неколку внатрешни елементи, ќе бидат направени од титаниум за да се намали вкупната тежина на уредот. Поголемиот дел од надворешноста ќе остане од алуминиум, но со сино-црн сјај во Midnight боја. Сегашниот Vision Pro е достапен само во сребрена боја.
Инсајдерот неодамна сподели и серија фотографии од нов конектор во стил на Lightning, исто така во Midnight боја, за кој се тврди дека е наменет за уредот од следната генерација. Vision Pro користи сличен конектор, но со 12 пина наместо осум, што укажува на тоа дека новиот кабел е дел од поголем редизајн.
Се очекува Apple да ја претстави втората генерација на Vision Pro со M5 чип помеѓу есента 2025 и пролетта 2026 година, но воедно кружат гласини дека компанијата работи и на поевтина верзија на уредот. Таа верзија најверојатно е токму уредот Vision Air на кој се повикува Kosutami.
Kosutami има променлив успех со претходните информации за Apple, но беше прв што најави дека Apple ќе ја замени кожната Modern Buckle лента со FineWoven верзија во 2023 година. Тој исто така прв објави фотографии од FineWoven ремените за Apple Watch пред нивното официјално претставување, како и новиот Thunderbolt 4 кабел лансиран со iPhone 15 Pro, подобрениот термален дизајн и редизајнираната батерија на iPhone 16 Pro и други детали.