NASA објави фотографија од огромна дупка на површината на Марс, за која се сомнева дека води до подземен свет и потенцијално засолниште на вонземски живот.
NASA потврди постоење на дупка со ширина од преку 100 метри на површината на Марс и шпекулираше дека оваа структура може да претставува „портал“ кон подземен свет кој би можел да поддржува живот. Фотографијата од дупката беше објавена како дел од програмата „Астрономска фотографија на денот“ на NASA, а потеклото на дупката и што точно се наоѓа под неа останува непознато.
Според истражувачите, ваквите дупки се исклучително интересни затоа што може да водат кон големи подземни пештери кои се заштитени од екстремните услови на површината на Марс – како што се силна радијација, ниски температури и соларни ветрови. Затоа се сметаат за погодни места за барање траги од живот.
Иако NASA со години се обидува да ги намали очекувањата на јавноста кога станува збор за откривање вонземски живот, ова е еден од ретките примери кога директно се отвора можноста за постоење живот под површината на Црвената планета. Досега вниманието беше главно насочено кон микробниот живот во заледените океани на планетите и нивните сателити од Сончевиот систем.
Дупката била забележана уште во 2017 година со помош на леталото Mars Reconnaissance Orbiter, а новото внимание кон неа уследи по објавувањето на фотографијата. Интересно е што во истата област има повеќе дупки, но токму оваа – лоцирана во горниот десен агол од фотографијата – е совршено кружна и опкружена со кратер, што дополнително ја зголемува мистеријата околу нејзиното потекло. Можно е да настанала како последица од удар на метеор.
NASA нагласи дека оваа локација би можела да стане важна цел на идни мисии, вклучувајќи роботи, сонди и човечки екипажи. Американскиот геолошки завод (USGS) веќе идентификувал над 1.000 потенцијални влезови во пештери ширум Марс користејќи податоци собрани од орбита, но нивната вистинска длабочина и големина сè уште остануваат непознати.
И други вселенски агенции, како Европската вселенска агенција (ESA), имаат пронајдено докази за постоење на стари лавини тунели под изгаснати вулкани на Марс.
Најрана можност за луѓето директно да ја истражат оваа дупка би била 2028 година. Елон Маск, основачот на компанијата SpaceX, неодамна изјави дека планира да испрати повеќе вселенски летала Starship на Марс, и тоа веќе кон крајот на следната година, иако првите мисии би биле беспилотни. Маск изрази надеж дека до 2026 ќе лансира вкупно пет вакви летала, што би претставувало клучен чекор кон испраќање на првата човечка екипажа на Марс, потенцијално до 2030 година, пренесува MSN.