Откако Nothing нè подготви за доаѓањето на следниот смартфон од брендот CMF, компанијата е подготвена да сподели и повеќе детали за него. Таа откри дека уредот ќе се вика CMF Phone 2 Pro, а неговата премиера ќе се одржи за само неколку дена – на 28 април.
Интересно е што компанијата зборува за CMF Phone 2 Pro, што сугерира дека станува збор за помоќен модел во споредба со CMF Phone 1. Наскоро се појавија слики од новиот телефон кои откриваат дека ќе има тројна задна камера, што е надградба во однос на двојната кај претходниот модел.
На платформата X, компанијата објави неколку тизери кои најавуваат дека новиот уред ќе биде потенок и со освежен дизајн, кој вклучува и нова тактилна текстура на задниот панел. Се забележуваат и препознатливите шрафови, кои овозможуваат прикачување на дополнителни аксесоари.
Покрај тоа, компанијата откри дека CMF Phone 2 Pro ќе користи MediaTek Dimensity 7300 Pro чипсет, што не е голема надградба во однос на Dimensity 7300 во претходниот модел. Според страницата за телефонот на Flipkart, се очекува 10% подобрување на процесорската изведба и 5% побрза графичка работа.