Компанијата Intel промовира дизајн кој овозможува замена на поединечни делови од лаптоп компјутерите, но конечната промена зависи од производителите на компјутери.
Intel најавува нова ера во развојот на лаптоп компјутерите – модуларен дизајн, кој би овозможил поголема флексибилност за производителите и корисниците, слична на онаа што со години е стандард кај десктоп компјутерите. Гокул Субраманијам, потпретседател на Intel групацијата за клиент-компјутери, изјави дека најновите генерации на Intel преносливи уреди веќе започнале со имплементација на модуларни елементи, за да им овозможат на компании како Asus и Acer полесно да ги прилагодат своите модели без целосен редизајн на уредот.
Кај десктоп компјутерите, модуларноста значи дека корисникот лесно може да замени или надгради хардвер – како SSD, RAM или графичка картичка. Лаптоп компјутерите, пак, отсекогаш биле затворени системи со многу ограничени можности за пристап и надградба на внатрешните компоненти.
Intel сега развива модуларност на три нивоа: системско, на ниво на матична плоча и на ниво на компоненти. На пример, иста основна плоча би можела да се користи и за 16-инчен и за 14-инчен модел на лаптоп. Исто така, се работи на поделени матични плочи, составени од повеќе помали делови поврзани со кабли или конектори, што овозможува на производителите да ги „составуваат“ конфигурациите според потребите на корисниците.
Intel посебно ја истакнува важноста на M.2 модулите, бидејќи тие овозможуваат едноставно додавање или замена на компоненти, како што се Wi-Fi модули или SSD-уреди.
На корисничко ниво, модуларноста би можела да значи дека самиот корисник ќе може да ја замени камерата, портовите или SSD-то, без да има потреба да купува нов компјутер. Framework, компанија позната по модуларните лаптоп компјутери, веќе нуди ваков концепт, но останува прашањето дали и големите производители ќе се приклучат.
Сепак, Intel засега не нуди конкретен референтен дизајн ниту отворен стандард, како што е Open Compute проектот во сервер индустријата. Субраманијам истакна дека целта е да се олесни развојот на модуларни лаптоп компјутери, но не најави дека индустријата ќе се движи кон целосна замена на матичната плоча или процесорот од страна на крајните корисници.
Иако идејата за модуларност отвора низа интересни можности, останува да се види дали индустријата навистина ќе тргне по тој пат, или пак модуларноста ќе остане ограничена само на одредени модели и функции, пишува PC World.