Huawei ја лансираше CloudMatrix 384 Supernode – AI инфраструктура која, според тврдењата на компанијата, го надминува системот Nvidia NVL72 во решавање на компјутерските тесни грла.
Кинескиот технолошки гигант Huawei ја претстави својата нова инфраструктура за вештачка интелигенција, која според достапните информации, може да стане сериозен ривал на решенијата на Nvidia во областа на високите перформанси за AI дата-центри. Новата платформа, наречена CloudMatrix 384 Supernode, беше претставена минатата недела, а локалните медиуми во Кина веќе ја нарекуваат „производ на нуклеарно ниво“ поради способноста ефикасно да ги решава компјутерските тесни грла при работа со големи AI модели.
Како што пренесува STAR Market Daily, системот на Huawei директно е спореден со решението Nvidia NVL72, кое беше претставено минатата година како една од најнапредните AI инфраструктури. Да потсетиме, Nvidia NVL72 содржи 72 графички единици (GPU), поврзани преку високопропусна NVLink интерконекција, што овозможува целиот кластер да функционира како еден супер GPU. На тој начин, NVL72 овозможува реално-временска инференција за LLM модели со билионски број параметри дури 30 пати побрзо од претходната генерација на Nvidia системи.
Huawei, сепак, тврди дека нивниот CloudMatrix 384 Supernode веќе во интерните дата-центри во кинескиот град Вуху достигнува компјутерска моќ од 300 петафлопси, што е значително повеќе од 180 петафлопси, колку што нуди Nvidia NVL72. Ова, доколку официјалните податоци се потврдат, претставува голем скок во AI компјутерските капацитети, особено за пазарите и секторите што развиваат големи јазични модели и други барачки AI алгоритми.
Засега нема многу технички детали за архитектурата на самиот Huawei систем, но јасно е дека кинескиот производител сериозно продолжува да инвестира во развој на AI инфраструктура, особено во период кога американските компании, вклучително и Nvidia, имаат ограничен извоз на најнапредните чипови за кинескиот пазар. Ова е уште еден показател дека трката во AI технологиите сè повеќе се преселува на теренот на инфраструктурата и компјутерската моќ, а Huawei со овој потег јасно порачува дека има намера да игра клучна улога на тој терен – како во Кина, така и потенцијално на меѓународно ниво, пишува Communications Today.