Galaxy S25+ со нешто порафиниран дизајн и нов Snapdragon 8 Elite чипсет е вистинскиот смартфон за оние корисници кои бараат поголема и пространа верзија од стандардниот Galaxy S25 модел, со малку повеќе дополнителни функции
Текст и фото: НИКОЛА БУРАГЕВ
Galaxy S25+ нуди повеќе од само поголем екран и батерија во споредба со стандардниот Galaxy S25.
Екранот е значително поголем, 0,5 инчи во дијагонала, што го прави телефонот да изгледа како уред од целосно повисока категорија. Исто така, екранот е подобар, со повеќе пиксели по инч, што резултира со нешто поостра слика од Galaxy S25, а обезбедува дури и поостар приказ од Galaxy S25 Ultra. Дополнително, Galaxy S25+ има поголема батерија од Galaxy S25 Ultra, а Samsung ја зголемува и брзината на полнење на 45W, во споредба со 25W кај Galaxy S25.
Galaxy S25+ започнува со 256 GB простор за складирање, што е двојно повеќе од она што повеќето луѓе ќе го најдат кај основниот Galaxy S25. Секој модел од серијата Galaxy S25, вклучувајќи ги и Plus и Ultra, доаѓа со 12 GB RAM. Samsung нуди доволно подобрувања на спецификациите со Galaxy S25+ за да го оправда зголемувањето на цената во однос на Galaxy S25.
Дизајн и изглед
Samsung не направи никакви големи промени во дизајнот на своите паметни телефони, pa Galaxy S25+ изгледа исто како Galaxy S25, како и претходните Galaxy S24 и S23. Тоа воопшто не е лошо: Galaxy S25+ изгледа елегантно, се одликува со квалитетна изработка и делува како премиум уред.
Samsung го задржа т.н. Armor Aluminium како материјал за рамката на телефонот, додека предната и задната страна се направени од Corning Gorilla Glass Victus 2. За жал, анти-рефлексниот слој што го има Galaxy S24 Ultra не е пренесен на Galaxy S25 и S25+; тоа останува ексклузивна карактеристика на Ultra моделот. Galaxy S25+ во суштина е сличен на Galaxy S24+ во однос на изгледот – со главно рамен дизајн и остри рабови.
Иако титаниумската рамка би била добредојдена, овој дизајн сепак се смета за најдобар досега. Samsung успеа да ја намали дебелината на уредот – Galaxy S25+ сега е 7,3 мм дебел, во споредба со 7,7 мм кај S24+. Новиот модел е и шест грама полесен. Овие промени се чувствуваат, бидејќи целокупното искуство е многу пријатно при подолга употреба на смартфонот.
Екран
Galaxy S25+ се одликува со фантастичен екран – нешто што веќе со години е стандард кај смартфоните на Samsung. Бидејќи S25+ и S25 Ultra имаат идентична резолуција (3120х1440 пиксели), сликата е поостра кај Plus моделот, бидејќи има помал дисплеј од 6,7 инчи и 513 ppi густина на пиксели. Разликата во однос на Ultra моделот (498 ppi) не е очигледна, но подобрувањето во однос на Galaxy S25 е прилично забележливо. Galaxy S25+ е особено светол, што е корисно при користење на отворено.
Екранот е 6,7-инчен QHD+ Dynamic AMOLED 2X со HDR поддршка и прилагодлива фреквенција од 1-120 Hz, со максимална осветленост до 2600 нита Иако резултатите се слични со Galaxy S24+, годинашниот Plus модел покажува нешто поточни бои и поприродна температура.
Камери и вештачка интелигенција
Galaxy S25+ го користи истиот систем со три камери како S24+, S23+ и S22+: главна 50MP, ултра-широка 12MP и телефото 10MP. Иако хардверот е ист, Samsung воведе нов ProVisual Engine, интегриран со Snapdragon 8 Elite, со подобрени алгоритми за обработка на слики. Камерата снима одлични фотографии и апликацијата Camera е разновидна, иако понекогаш збунувачка.
Galaxy S25+ снима одлични фотографии, а посебно ни се допадна апликацијата Camera од Samsung за сите начини на снимање, иако понекогаш може да биде малку збунувачка. Ако сакате да фотографирате изразено сино небо, подвижни, но и неподвижни објекти – особено ако има повеќе од еден на иста фотографија – камерите на Galaxy S25+ се вистинскиот избор за вас, бидејќи Samsung бриљира кога станува збор за фотографии наменети за споделување. Galaxy S25+ продуцира солидни фотографии и при слабо осветлување, иако не може да се спореди со Galaxy S25 Ultra моделот.
Треба да се нагласи дека постојат неколку начини на снимање. Постојат Pro режим, како и Pro Video, а можете да добиете уште повеќе Pro опции и да станете корисник на Expert Raw. Се работи за посебна апликација, иако и се пристапува преку камерата, и нуди можности како астро-фотографија и уште неколку дополнителни контроли.
Општо земено, луѓето веќе се малку заситени од вештачката интелигенција. Од маркетиншка гледна точка, има многу ветувања, а малку активности од страна на компаниите што се обидуваат да протуркаат модели и нови апликации. Она што го цениме кај Samsung е тоа што компанијата всушност се обидува да го позиционира Galaxy AI како асистент за продуктивност, а не само како четбот или генеративен модел.
Gemini сè уште е многу присутен на Galaxy S25+, а Samsung го рекламира како примарен асистент според основните поставки. До него може да се пристапи преку копчето за вклучување, со тоа што треба да се држи притиснато. Всушност, ништо не е променето освен континуираните подобрувања на Gemini во целина. Google ја користи Galaxy S25 серијата за да го претстави подобрениот Gemini, кој е покорисен од претходните верзии. Убаво е да се види тоа пријателство меѓу двете компании, дури и ако значи дека постојат повеќе начини за AI на телефонот.
Galaxy AI Assist на Samsung и понатаму е присутен. Може да се користи за слични функции како Circle to Search, но со малку повеќе фокус кон Galaxy AI апликациите. Тоа е прашање на лични преференции, слично како и со Bixby. Секоја опција функционира добро кога се работи за споделување на снимените слики или пронаоѓање извор на нешто. Samsung AI Assist е корисен кога сакате да генерирате фотохграфии од нешто што се прикажува на екранот.
Особено интересна е функцијата Now Brief, која во утринските, попладневните и вечерните часови дава информации како временска прогноза и резиме на вести. Се очекува во иднина да поддржува и апликации и нотификации – на пример, да сумира електронска пошта, пораки и социјални мрежи.
Перформанси и батерија
Galaxy S25+ доаѓа со Snapdragon 8 Elite, првиот 3-нанометарски чипсет на Qualcomm, кој е достапен за сите Galaxy S паметни телефони. Но, тоа не е стандарден Snapdragon 8 Elite, туку малку „оверклокувана“ и прилагодена верзија – Snapdragon 8 Elite for Galaxy – слична на она што Samsung и Qualcomm го прават последните неколку години.
Еден од потенцијалните проблеми со 3nm чиповите е прекумерното загревање, кое може да доведе до термално пригушување, што е непожелно. За да се справи со тоа, Samsung ја зголеми големината на парните комори со цел подобро расејување на топлината; кај Galaxy S25+ добиваме парна комора зголемена за 15%, додека кај врвниот модел зголемувањето достигнува дури 40%.
Кога станува збор за зголемување на перформансите, Samsung наведува дека има 37% подобрување на CPU перформансите во споредба со претходните генерации на Galaxy, како и подобрена графичка обработка – 40% подобри Ray Tracing можности и повеќе FPS во игрите. Тестирањата покажуваат дека Galaxy S25+ ги надминува конкурентите во сите синтетички benchmark тестови што ги спроведовме, освен во еднојадрениот Geekbench 6, каде што iPhone 16 Pro е малку пред него. Сепак, најновиот телефон на Samsung целосно ја победува конкуренцијата во 3DMark Extreme стрес-тестот и во повеќејадрениот Geekbench, што е голема победа за Samsung и Android во целина.
Капацитетот на батеријата кај Plus моделот е навистина интересен. Во споредба со основниот S25 кој има батерија од 4.000 mAh, Plus моделот има дури 4.900 mAh. За споредба, Ultra има 5.000 mAh — разлика која речиси не се чувствува при користење. Телефонот лесно издржува ден и половина со едно полнење, а батеријата се троши доста бавно. Нема промени во брзината на полнење кај Galaxy S25 Plus – остана на 45W жично и 15W безжично полнење. Полнењето е се уште е прилично броз, што особено ќе го цените кога ви треба брзо дополнување. На пример, 15 минути на полнач се доволни за да се наполни до 38 проценти капацитет, а за 30 минути — до 70%.
Заклучок
Се очекуваше дека Galaxy S25+ ќе донесе само благо подобрување, но се покажа спротивното. Некои сметаат дека со Galaxy S25+ дури и не ви треба Ultra модел, но лично не се согласувам целосно со тоа, особено ако ги погледнеме можностите на камерите. Ако се земе предвид системот на чип и фактот дека Plus моделот е покомпактен во однос на Ultra моделот, тогаш тоа тврдење има основа.
Galaxy S25+ има нешто порафиниран дизајн, нов Snapdragon 8 Elite чипсет и подобри можности за конекција, како поддршка за Wi-Fi 7 и Bluetooth 5.4. И секако, повеќе не мора да се грижите дали ќе добиете Exynos или Qualcomm чип.
Но, доколку сте еден од корисниците кои при купување на S серијата паметни телефони на Samsung, сакаат максимум од можностите – тогаш Plus нема да ви биде доволен. Од друга страна, ако барате поголема и пространа верзија од стандардниот модел, со малку повеќе дополнителни функции, тогаш Galaxy S25+ ќе биде токму тоа што го посакувате. S25+ е одличен и добро заокружен уред што не разочарува на ниту еден начин.
Samsung Galaxy S25+ |
|
Екран |
|
Димензии |
|
Чипсет |
|
Камера |
|
Интерна меморија |
|
Батерија |
|
Полнење |
|
Оперативен систем |
|
Мрежа и поврзување |
|
Безбедност |
|
Отпорност |
|
Оценка |
5/5 |