На голем настан одржан во Кина, Vivo конечно го претстави смартфонот X200 Ultra, а заедно со него беше објавен и моделот X200s.
Ultra се истакнува како апсолутен предводник на X200 серијата. Qualcomm Snapdragon 8 Elite процесорот е спарен со 12 или 16 GB LPDDR5X Ultra RAM меморија, како и со 256 GB, 512 GB или 1 TB внатрешна UFS 4.1 меморија.
Смартфонот доби 10-битен 6,82-инчен LTPO AMOLED екран со QHD+ резолуција, осветленост до 4.500 нити и стапка на освежување од 120 Hz.
Камерата е она што го прави X200 Ultra навистина посебен. Телефонот сега има V копче на десната страна, на местото каде што обично доаѓа показалецот при користење на дигитални фотоапарати. Ова копче може да се прилагодува, но најдобро служи како прекинувач.
Смартфонот е опремен со два процесора за камера. Тука е Vivo V3+, класичен ISP за пост-обработка, но додаден е и Vivo VS1. Новата платформа има задача да ја подобри експозицијата и фокусот, како и да се грижи за т.н. „image stacking“ (слојување на слики), по што податоците се предаваат на V3+ за компјутерски понапредни задачи како намалување на шум и изострување.
На задната страна се сместени три камери: главната од 50 MP со Sony LYT-818 сензор со големина од 1/1,28 инчи и отвор на бленда f/1,7; телефото камера од 200 MP со Samsung ISOCELL HP9 сензор (1/1,4 инчи) и фокусна должина од 85 mm; како и ултраширока камера од 50 MP со Sony LYT-818 сензор.
Сите камери поддржуваат снимање 4K видео со 120 fps за успорени снимки, додека 4K 60 fps поддржува Dolby Vision за прецизни бои. Напред се наоѓа селфи камера од 50 MP.
Но, тоа не е сè. Vivo подготви и дополнителен објектив кој функционира како телеконвертор овозможувајќи дополнително 2,35x зумирање, што резултира со фотографии со еквивалентна фокусна должина од 200 mm. Доаѓа во посебен фото сет, кој содржи неколку леќи, ремени и куќиште што се поврзува со држач преку USB-C порт, како и посебна батерија со капацитет од 2.300 mAh.
Vivo X200 Ultra е одличен како фотоапарат, но е навистина извонреден и како смартфон. Го користи најновиот OriginOS со Android 15, а го напојува батерија од 6.000 mAh, која поддржува 90W жично и 40W безжично полнење.
X200 Ultra е достапен во црна и црвена боја, а постои и бела верзија која го имитира дизајнот на куферите на Rimowa. Почетната цена е 775 евра за конфигурацијата со 12 GB RAM и 256 GB меморија, а постои и верзија со 16 GB RAM и 1 TB внатрешна меморија со поддршка за сателитска комуникација, која чини 950 евра. Таа е воедно и единствената што доаѓа со Photography Set-от, а целиот пакет чини 1.150 евра. За жал, не се очекува Vivo X200 Ultra да се појави на пазари надвор од Кина.
X200s е дел од актуелното портфолио на флегшип уреди, но од компанијата велат дека станува збор за природна еволуција на минатогодишниот модел X100s. Тоа е помал уред со 6,67-инчен AMOLED екран со резолуција од 1.260p и стапка на освежување до 120 Hz. Уредот го движи MediaTek Dimensity 9400+ процесор, во комбинација со 12 или 16 GB RAM и 256 GB / 512 GB / 1 TB внатрешна меморија, во пет различни конфигурации.
Иако X200s е помал од моделот X200, во него се сместени истите моќни камери: главна од 50 MP (f/1,6), телефото од 50 MP (f/2,6) со 3x оптичко зумирање и ултраширока од 50 MP (f/2.0). Напред има селфи камера од 32 MP, сместена во дупчест исечок на екранот.
Батеријата е силна страна на овој мобилен уред со капацитет од 6.200 mAh, што е највисоко досега во историјата на X серијата. Поддржува 90W брзо жично и 40W безжично полнење кога се користи соодветен полнач или држач.
Оперативниот систем е ист како кај моделот Ultra, а на корисниците им се достапни функции како AI филтер за спам повици, асистент за домашни задачи, како и кинеска верзија на функцијата Circle to Search.
Меѓу останатите карактеристики се 360-степенски NFC, голема испарувачка комора за ладење, подобрени опции за поврзување со унапреден дизајн на антена и паметно префрлање меѓу Wi-Fi и мобилни мрежи.
X200s е достапен за преднарачки, а продажбата започнува на 25 април. Достапен е во црна, бела, зелена и виолетова боја со почетна цена од 500 евра. Малку е веројатно дека и овој модел ќе стигне надвор од кинескиот пазар.