На TED 2025 конференцијата, Google за првпат во живо ги демонстрираше своите Android XR паметни очила, откривајќи ја моќта на вештачката интелигенција директно пред очите на корисниците.
Трката за доминација во светот на носливите технологии станува сѐ поинтензивна, а паметните очила се наметнуваат како следниот голем чекор. Додека Meta веќе бележи успех преку соработката со Ray-Ban, а Apple, Samsung и Google ги подготвуваат своите проекти, токму Google сега направи најконкретен исчекор.
На TED2025 конференцијата, Google за првпат јавно ги прикажа можностите на своите паметни очила базирани на Android XR платформата. Досега овие уреди беа прикажувани само преку промотивни видеа и затворени презентации, но публиката во салата конечно можеше да види како сето тоа функционира во реално време.
Дискретен дизајн, но моќна технологија
Паметните очила на прв поглед изгледаат како обични диоптерски или сончеви очила, но криеја софистицирана технологија: минијатуризирана камера, микрофони, звучници и дисплеј со висока резолуција вграден во стаклото. Дизајнирани се да бидат лесни и дискретни, со можност за вградување на диоптерски стакла, а може да се поврзат со паметен телефон за поголема процесорска моќ и пристап до апликации.
Вештачка интелигенција директно пред очите
Демонстрацијата ја водеше Шахрам Изади, шефот на Google Android XR тимот, заедно со Ништа Батија. Преку серија во живо прикажани сценарија, публиката виде како Gemini, AI асистентот на Google, во живо генерира хаику, препознава книга која некој штотуку ја видел и помага во пронаоѓање изгубена хотелска картичка – сето тоа преку едноставни гласовни команди и визуелна обработка во реално време.
Една од највпечатливите демонстрации беше моменталната функција за преведување: натпис на англиски јазик беше преведен на фарси, а потоа на хинди веднаш штом корисникот го смени јазикот во кој му се обраќа на асистентот – без потреба од рачни поставки.
Очилара исто така покажа и можности за контекстуално препознавање на објекти, објаснување дијаграми, препознавање музички албуми и пуштање музика, како и навигација со 3D мапа проектирана директно во видното поле на корисникот.
Android XR: отворена платформа за XR уреди
Android XR платформата, која Google ја развива заедно со Samsung и Qualcomm, беше најавена во декември како отворен систем за уреди со проширена реалност (XR). Овозможува користење на познатите Google апликации во проширена околина: YouTube и Google TV на виртуелни екрани, Google Photos во 3D приказ, Google Maps со интерактивни мапи и Chrome со лебдечки прозорци.
Корисниците можат да управуваат со апликациите преку движење со рацете, глас или поглед, а системот е компатибилен и со постојните Android апликации, што веднаш му овозможува богат екосистем.
Samsung и Apple ги подготвуваат своите одговори
Samsung исто така влегува на сцената со свои паметни очила под кодно име Haean, кои треба да бидат претставени до крајот на годината. Се очекува да имаат дискретен дизајн, да наликуваат на обични сончеви очила и да користат контроли преку движење, благодарение на камери и сензори.
Се шпекулира дека Samsung Haean очилата ќе имаат вградени камери, лесна рамка, можност за снимање видео, пуштање музика и вршење повици, а во игра е и Qualcomm Snapdragon XR2 Plus Gen 2 чипсетот.
Презентацијата на Google на TED2025 јасно покажа дека паметните очила повеќе не се футуристички концепт, туку следната етапа во развојот на секојдневната технологија. Додека Apple, Samsung и другите конкуренти ги подготвуваат своите модели, трката за дефинирање на иднината на носливите уреди токму што влезе во нова, посериозна фаза, пренесува Tech Spot.