Тед Сарандос тврди дека стриминг сервисите не ја уништуваат кино-индустријата, туку ѝ даваат нов живот – прилагоден на денешната публика
Во екот на расправите за падот на кино-индустријата и трансформацијата на начинот на консумирање содржини, извршниот директор на Netflix, Тед Сарандос изнесе смела изјава – Нетфликс не го уништува Холивуд, туку го спасува!
„Нетфликс е силно ориентиран кон потрошувачите. Ние ја доставуваме содржината на начинот на кој публиката го посакува – а тоа е дома“, изјави Сарандос на една конференција, реагирајќи на критиките кои стриминг сервисите ги гледаат како виновници за сè помалата посетеност на кината.
Netflix ја лансираше својата стриминг платформа во 2007 година, која првично служеше како дистрибутивна мрежа за постоечки филмови и серии. Но, во 2013 година следува голем пресврт – оригинална содржина со хит-серијата Куќа од карти (House of Cards), а потоа и наградуваниот филм Beasts of No Nation. Од тогаш, Нетфликс станува еден од најзначајните играчи во светот на филмската и ТВ продукција.
Ставот на Сарандос го дели и главната директорка за содржина на Netflix, Бела Бајариа, која неодамна изјави дека и филмот Опенхајмер би можел да постигне еднаков успех доколку беше објавен исклучиво на Нетфликс.
Доказ кој оди во прилог на нивните тврдења е и падот на вкупната заработка на кината – од 11,1 милијарди долари во 2015 година на 8,5 милијарди во 2024 година. Сепак, многумина сè уште веруваат дека ништо не може да го замени искуството на гледање филм на големо платно. Како ќе се развива судирот помеѓу кино-дистрибуцијата и стриминг сервисите, останува да се види.