Google Gemini веќе е достапен на голем број уреди, а подоцна оваа година ќе биде достапен и во автомобилите со Android Auto, како и на паметни часовници што работат на WearOS.
Извршниот директор на Google, Сундар Пичај најави дека компанијата работи на тоа Gemini до крајот на годината да стигне и до автомобилите преку Android Auto и до паметните часовници преку WearOS.
„Го надградуваме Google Assistant на мобилните уреди во Gemini, а подоцна оваа година ќе ги надградиме и таблетите, автомобилите, како и уредите што се поврзуваат со вашите мобилни телефони, како што се слушалките и часовниците“, рече Пичај на неодамна одржаната конференција за инвеститори.
Нема дополнителни детали, ниту прецизни временски рамки кога точно Gemini ќе ја прошири својата достапност. Сепак, самата одлука за проширување на Gemini на автомобили, паметни часовници и други уреди не е изненадување, со оглед на тоа што Google вложи многу пари во својот AI асистент, кој инаку има дури 350 милиони корисници месечно.

