Иако и Nothing телефоните не се премногу скапи според денешната состојба на пазарот, подбрендот на компанијата, CMF, нуди уште поевтини модели кои особено ќе им се допаднат на младите.
Младинскиот подбренд на Nothing, CMF го претстави својот прв Pro телефон. Станува збор за моделот наречен CMF Phone 2 Pro, кој по исклучително пристапна цена нуди сосема солидни спецификации и можности, сето тоа спакувано во интересно дизајнирано куќиште.
Имено, CMF Phone 2 Pro има голем AMOLED екран од 6,77 инчи со Full HD резолуција и стапка на освежување од 120 Hz. Како и многу поскапи модели, поддржува 10-битни бои и HDR10+, а се пофалува и со врвна осветленост од 3.000 нити, како и PWM затемнување со висока фреквенција од 2.160 Hz. Екранот е заштитен од гребнатини и удари со Panda Glass стакло.

Кога сме веќе кај заштитата, вреди да се спомне дека Phone 2 Pro има IP54 сертификат за отпорност на прав и е потенок и полесен од првиот телефон на CMF, иако има иста големина на батеријата. Корисниците можат да го изберат телефонот во четири бои на куќиштето – бела со текстура слична на камен, црна, светлозелена со мат стаклена текстура и портокалова со метален сјај.
Телефонот го напојува MediaTek Dimensity 7300 Pro, кој нуди до 10% побрз процесор и 5% побрз графички процесор споредено со претходниот CMF Phone. Спарен е со 8 GB RAM, што е и понатаму стандард во овој ценовен ранг, а корисниците можат да изберат помеѓу 128 GB и 256 GB внатрешна меморија. Вреди да се напомене дека има и слот за microSD картичка за дополнително проширување на меморијата, што денес е вистинска реткост.
Да се осврнеме на системот на камери, кој веројатно е најинтересниот дел од овој телефон. CMF Phone 2 Pro има главна камера од 50 MP која, според тврдењата на компанијата, фаќа речиси 65% повеќе светлина споредено со главниот сензор на Phone 1. Овој сензор може да снима и 4K видео при 30 FPS, како и Full HD видео со 60 FPS, а има и стабилизација на слика со вештачка интелигенција.
Додека Phone 1 од CMF имаше само една камера, Pro моделот донесува уште две. Едната е 50-мегапикселна телефото камера со 2x оптички и 20x дигитален зум, што е импресивно за овој ценовен ранг. Тука е и 8-мегапикселна ултраширока камера со агол од 119,5°, што не е најшироко на пазарот, но ќе биде доволно за групни селфија. На предната страна, во екранот, се наоѓа 16-мегапикселна селфи камера.

Ако овој систем не ви звучи ништо спектакуларно, тогаш сигурно ќе ви биде интересно да знаете дека CMF ја проширил својата модуларна филозофија и на камерите. Благодарение на тоа, CMF Phone 2 Pro може да користи заменливи леќи – една за макро фотографија и една за „рибино око“ ефект.
Телефонот има батерија со капацитет од 5.000 mAh која поддржува жично полнење од 33 W и обратно (reverse) полнење од 5 W. Според интерни тестирања на Nothing, телефонот со едно полнење може да репродуцира до 22 часа YouTube видеа или да издржи до 10 часа играње Battleground Mobile. Од CMF исто така тврдат дека батеријата ќе задржи најмалку 90% од својот капацитет по 1.200 полнења. Живи бевме па видовме.

Софтверскиот дел на Phone 2 Pro го покрива Nothing OS 3.2 базиран на Android 15, а CMF ветува 3 големи надградби на системот и безбедносни надградби во траење од 6 години по претставувањето на телефонот. Почетната верзија на телефонот чини 250 евра, додека верзијата со повеќе меморија чини 280 евра.
Додатоците како леќите за „рибино око“ и макро фотографија ќе чинат по 35 евра секоја, заштитната маска ќе чини 25 евра, а за паричникот/држач што се прикачува на задниот дел од телефонот ќе треба да се издвојат 35 евра. Ако сето тоа се купува во пакет, цената ќе биде 45 евра со само една леќа. Телефонот се продава исклучиво преку официјалната веб-страница на Nothing.

