Само еден ден откако американскиот федерален суд му нареди на Apple да престане да наплатува провизии за купувања преку надворешни линкови во рамки на iPhone апликациите, можноста веднаш ја искористи Spotify
Apple ја одобри надградбата на апликацијата на Spotify за американскиот пазар, која им овозможува на корисниците пристап до информации за цените на претплатите, линкови за купување и избор на различни начини на плаќање директно во апликацијата.
Последици од повеќегодишниот правен конфликт
Конфликтот меѓу Apple и програмерите што трае со години, а како последица и судската одлука, има значајни импликации за целиот систем на продажба на апликации, па не е изненадување што само 24 часа по одлуката, компаниите започнаа со поднесување на свои барања. Меѓу првите, Spotify сега може да прикажува јасни информации за цените, промотивни понуди и да овозможи купување или промена на претплатите преку надворешни платформи, заобиколувајќи ја досегашната 30-процентна провизија на Apple за купувања во апликацијата.
Портпаролката на Spotify, Жан Моран, го опиша овој развој на настаните како „пресвртница за сите претприемачи кои сакаат да градат и да се натпреваруваат на порамноправен пазар“, но призна дека „работата не е завршена“. По десетгодишна борба, Spotify на ова гледа како на клучно постигнување. „По десет години, ова ни овозможува на корисниците јасно да им ги прикажеме цените и линковите за купување,“ заклучи Моран.
Полека се формира долг ред
Одлуката веќе предизвика значајна реакција и кај други компании. Patreon, платформата за поддршка на креатори на содржини, најави планови за ажурирање на својата iOS апликација, што ќе овозможи примање уплати надвор од системот на Apple, што пак ќе им овозможи на креаторите да задржат поголем дел од приходите. Stripe објави водич за програмери за имплементација на надворешни начини на плаќање на iOS, додека Epic Games најави враќање на Fortnite во App Store следната недела.
Во изјава за медиумите, Apple соопшти дека „цврсто не се согласува со одлуката“, но дека ќе ја почитува додека поднесува жалба. Финансиските импликации за Apple се значајни: App Store во првиот квартал на 2025 година остварил приход од 24,2 милијарди долари, а судската одлука му се заканува на тој износ, бидејќи развивачите сега можат директно да комуницираат со корисниците и да избегнат високите провизии.



