Гравитацијата сите ја доживуваме како една од основните сили во вселената, но еден британски физичар тврди дека токму таа сила можеби е најголемиот доказ дека целата вселена всушност е компјутерска симулација. Еве зошто.
Мелвин Вопсон, физичар на Универзитетот во Портсмут, со години ја истражува можноста нашиот универзум да е компјутерска симулација. Во своето најново истражување тој тврди дека гравитацијата е еден од клучните докази за ова.
Гравитацијата како функција на компресија на податоци
Во студија објавена во списанието „АИП Адвансес“, Вопсон тврди дека гравитацијата не е само сила, туку процес преку кој универзумот ги организира информациите како компјутер.
– Универзумот еволуира на таков начин што информациската содржина во него е компресирана, оптимизирана и организирана – исто како што прават компјутерите и компјутерските кодови. Затоа, гравитацијата изгледа како уште еден процес на компресија на податоци во можен симулиран универзум – изјавил Вопсон.
Тој наведува дека овој принцип важи за сите нивоа на универзумот, од предмети што паѓаат на Земјата, па сè до улогата на гравитацијата во формирањето на галаксиите. Едноставно кажано, полесно е да се пресметаат сите својства и карактеристики на еден објект во просторот отколку на повеќе. Затоа објектите во вселената се привлекуваат едни кон други, тврди Вопсон.
Со други зборови, тој верува дека гравитацијата се јавува затоа што универзумот „штеди“ компјутерски ресурси со спојување објекти, со што се намалува количината на информации што треба да се обработуваат.
Информации како петта агрегатна форма
Неговата теорија се базира на претходна работа во која предложил дека информацијата не е апстрактен концепт, туку физичка компонента или „петта агрегатна состојба“. Тој верува дека битовите, основните единици на дигиталните информации, поседуваат маса и енергија. Тврди дека сите елементарни честички складираат информации за себе, слично како што клетките содржат ДНК.
Вопсон, исто така, формулирал нов закон на физиката, таканаречен втор закон за динамика на информациите, според кој ентропијата на информациите не се зголемува, туку се намалува.
Вториот закон на инфодинамиката бара минимизирање на информациската содржина, поврзана со кој било настан или процес во универзумот. Таквото однесување целосно потсетува на правилата што се користат во програмските јазици и компјутерското кодирање, објаснува тој.
Поддршка за теоријата на симулација
Иако контроверзна, теоријата дека живееме во симулација има истакнати поддржувачи, вклучувајќи го и Илон Маск. Вопсон верува дека гравитацијата е доказ за компјутерски универзум.
– Моите наоди во оваа студија се во согласност со идејата дека универзумот може да функционира како џиновски компјутер или дека нашата реалност е симулирана конструкција – заклучува Вопсон.
Извор: zimo.dnevnik.hr