Бета верзијата на Android 16 вклучува рана верзија на Desktop Mode – функционалност која може да овозможи користење на мобилниот телефон како компјутер при поврзување со монитор.
Најновата бета верзија на Android 16 открива рани индикации за новата функција Desktop Mode, која ќе овозможи мобилниот телефон да се користи како компјутер кога ќе се поврзе со надворешен монитор. Слична функција веќе подолго време ја нуди Samsung преку Samsung DeX за своите Galaxy уреди, но оваа функција ќе биде достапна за сите уреди кои ќе користат Android 16.
Според Android Authority, кога телефонот ќе се поврзе со надворешен екран, Desktop Mode ја поставува статусната лента на врвот на екранот, додека на дното се наоѓа лента со алатки (taskbar) каде што може да се прикачат омилените апликации за брз пристап. Дополнително, достапно е и мени со апликации слично на Start менито од Windows, а на десната страна се наоѓаат стандардните навигациски копчиња за Android.
Апликациите се отвораат во посебни прозорци, слично како на таблети, но со дополнителни функции познати од компјутерите, како на пример можноста прозорците да се „залепат“ на левата или десната половина од екранот (window snapping). Ова претставува значителен напредок во однос на претходните верзии на оваа функција откриени уште минатата година, кои нудеа само основно прикажување на апликации во променливи прозорци на поголем екран.
Како изгледа сето тоа во пракса, можете да погледнете во видеото објавено од Android Authority.