Од iPhone 6s па сè до iPhone 11, корисниците можеа да купат заштитна маска со вградена батерија која им помагаше да го издржат денот без полнење. Се чини дека Apple ќе ја врати оваа опција за претстојниот iPhone 17 Air.
Apple оваа есен би требало да го претстави iPhone 17 Air кој, според неофицијални информации, ќе биде тенок само 5,65 милиметри. Токму поради таа тенкост, Apple ќе мора да направи одредени компромиси, па така телефонот ќе има помал капацитет на батеријата — под 4.000 mAh — што веројатно значи дека автономијата нема да биде одлична.
Сепак, според информациите на The Information, Apple ќе се обиде да го надомести тоа со повторно воведување на маската со батерија — Smart Battery Case, која не сме ја виделе од времето на iPhone 11. Потсетуваме дека ова не е исто со магнетниот додаток MagSafe Battery Pack кој беше укинат во 2023 година, веднаш по претставувањето на iPhone 15, и кој сега може да се најде само кај производители од трета страна.
Дека автономијата кај iPhone 17 Air нема да биде одлична, покажуваат и раните интерни тестирања на Apple, според кои само 60 до 70 проценти од корисниците ќе успеат да го користат телефонот цел ден без дополнително полнење. За споредба, кај другите модели од серијата iPhone 17, тој процент се движи меѓу 80 и 90 проценти.