Најголемата визуелна промена на Android во последниве години случајно се појави за време на подготовките за настанот, односно непосредно пред почетокот на програмерската конференција Google I/O 2025.
Google по грешка прерано го откри новиот дизајн на Android системот преку својот официјален блог, иако објавата брзо беше избришана, фотографиите и информациите веќе стигнаа до јавноста. Новиот изглед, наречен Material 3 Expressive, носи најсмелите промени во дизајнот на Android интерфејсот и работната околина во последниве неколку години. Според објавените информации, Material 3 Expressive става акцент на изразување, емоции и интуитивност во корисничкиот интерфејс. Преку употреба на бои, форми, димензии и анимации, Google сака да создаде визуелно побогат и истовремено полесен за користење систем, кој подеднакво добро ќе функционира и кај помладите и кај повозрасните корисници.
Поефикасно насочување на корисникот во Android
Една од клучните иновации е способноста на системот да „ја насочи вниманието на корисникот“. Според тестирањата спроведени на над 18.000 корисници ширум светот, новиот дизајн овозможува важните елементи (како копчиња и функции) да се пронајдат дури четири пати побрзо во однос на претходната верзија на дизајнот.
На пример, во апликацијата Gmail, копчето „Send“ сега е преместено од долниот агол на појасно видливо место над полето за внесување, со поголеми димензии и поистакната боја. Слични промени се очекуваат и кај други апликации како што се часовникот, говорното пребарување, едиторите за фотографии и Google Pay.
Официјална најава наскоро
Иако оригиналниот напис беше веднаш избришан, се очекува Google официјално да го претстави Material 3 Expressive на I/O конференцијата кон крајот на мај, кога треба да биде објавен и датумот кога дизајнот ќе стане достапен за корисниците ширум светот.