Нови набљудувања укажуваат дека радио-сигналот што се емитува од пукнатина во една од галаксиите можеби е резултат на судир со пулсар
Една од џиновските структури во центарот на Млечниот Пат, позната како „космичка коска“, изгледа дека е напукната, а од таа пукнатина доаѓа чуден радио-сигнал. Благодарение на податоците од NASA Chandra X-ray телескопот и повеќе радио-телескопи, астрономите подетално ја истражиле оваа појава.
Млечниот Пат е спирална галаксија која содржи т.н. џиновски молекуларни филаменти (GMFs), најгустите структури кои ги следат спиралните краци. Некои од нив се нарекуваат „коски“ на галаксијата бидејќи поврзуваат различни области на создавање ѕвезди и откриваат важни кинематички својства на молекуларните облаци.
Еден од највпечатливите филаменти се нарекува „Космичка змија“ (официјално G359.13), долг околу 230 светлосни години. Истражувачите откриле дека оваа змија е „напукната“ на две места и токму од една од тие пукнатини се емитуваат радио и X-зраци.
Според нова студија, најверојатната причина е пулсар — екстремно магнетизирана неутронска ѕвезда — кој влетал во филаментот со брзина од меѓу 1,6 и 3,2 милиони километри на час. Овој судир најверојатно го нарушил магнетното поле на филаментот, предизвикувајќи деформација на структурата и забрзување на честиците, што довело до емисија на силни радио-бранови и X-зраци.
Тимот дополнително објаснува:
„Радио-луминесценцијата и спектралната стрмнина укажуваат на присуство на пулсар. Спектарот е израмнет и има засилена синхротронска емисија долж Космичката змија, што сугерира вбризгување на релативистички честички.“
Покрај главното виткање на структурата каде најверојатно се случил ударот, откриена е и секундарна деформација, за која се претпоставува дека исто така е предизвикана од минување на истиот објект со голема брзина.
Овото откритие отвора нови прашања за интеракцијата помеѓу брзодвижечки објекти и структури во галактичкото јадро. Астрономите планираат дополнителни набљудувања за да ја потврдат оваа хипотеза, но и затоа што е паметно да се држи под око џиновската змија што се протега низ срцето на нашата галаксија — дури и ако е оддалечена 26.000 светлосни години од Земјата, пренесува IFLScience.