Стриминг сервисот Netflix соопшти дека воведува AI четбот во својата апликација за iOS како „мала опционална бета“, кој ќе им помогне на корисниците да пребаруваат серии и филмови „користејќи природни фрази од секојдневниот говор“, се наведува во официјалното соопштение.
Како пример е наведена фразата: „сакам нешто смешно и весело“.
Несомнено, луѓето ќе ја користат оваа нова можност и таа трајно ќе стане дел од Netflix апликацијата за iOS и Android, а можеби еден ден и за телевизорите.
Дополнително, од Netflix истакнуваат дека „во преден план се ставаат сите информации што му се потребни на корисникот за да донесе одлука што да гледа“. Меѓу тие информации се фрази како „Добитник на Еми награда“ и „Број 1 во ТВ серии“.
Опциите Search и My List се преместени на врвот на страната на телевизорите, бидејќи таму се повидливи, додека препораките на почетната страница стануваат „поприлагодени на расположението и интересот на корисникот во моментот“, што и да значи тоа. Почетната страница има „чист и модерен дизајн, кој подобро го одразува врвното Netflix искуство“.
Што се однесува до мобилната апликација, во следните неколку недели вертикалниот фид ќе биде исполнет со исечоци од серии и филмови, за полесно и позабавно откривање нова содржина. Корисникот ќе може со еден допир да започне со гледање на цела серија или филм, да ја додаде содржината во My List или да ја сподели со пријатели.