Компанијата Samsung официјално соопшти дека следната недела ќе го претстави новиот член на семејството Galaxy S25, а тоа е Galaxy S25 Edge.
Ултра-тенкиот смартфон неколку пати беше најавуван, но сè уште не е целосно откриен, и покрај бројните гласини и протекување на информации во изминатиот период.
Сепак, чекањето завршува, бидејќи јужнокорејската компанија официјално потврди дека на 13 мај на онлајн настан (ќе го пренесува во живо на официјалниот сајт и својот YouTube канал) ќе го претстави Galaxy S25 Edge. Медиумите веќе добија покани, во кои се наведува дека Galaxy S25 Edge е „повеќе од тенок смартфон“ и дека “секоја негова линија, контура и компонента претставуваат пробив во прецизното инженерство за да се создаде врвно искуство достојно на името на S серијата“.
Овој паметен телефон „вклопува врвно искуство со камерата“ со својот веќе најавен и потврден сензор од 200 MP, кој „ја продолжува култната традиција на Galaxy камерите, нудејќи професионални можности за интуитивно фотографирање на околниот свет“.
Смартфонот ќе има бројни AI функции, кои корисниците веќе „ги сакаат и ги познаваат“.