Meta повторно ја истражува технологијата за препознавање лица за своите паметни очила, отворајќи прашања за приватноста и етичноста.
Компанијата Meta го смени својот став кон технологијата за препознавање лица. Откако претходно ја разгледуваше, па сепак се откажа од неа за првата верзија на своите паметни очила, компанијата сега активно работи на носливи уреди кои би можеле да идентификуваат лица во близина.
Како што пренесува порталот The Information, Мета неодамна дискутирала за додавање на софтвер во своите паметни очила што би скенирал лица на минувачи и ги идентификувал луѓето по име. Компанијата наводно исто така размислува да ја вгради оваа технологија и во идни наглавни уреди со вештачка интелигенција и вградени камери.
Технологијата за препознавање лица би била дел од функција на Мета, интерно наречена „super-sensing“. Оваа функција би се надоврзала на постоечката AI функција на очилата, која во моментов може да биде активна само околу половина час поради ограничувањата на батеријата. Сепак, во идните уреди, кои се очекуваат во 2026 година, таа би можела да функционира со часови.
The Information наведува дека „super-sensing“ веројатно нема да биде стандарден начин на работа на очилата. Корисникот би морал свесно да ја активира оваа функција, но луѓето во близина – чиј идентитет би бил скениран и препознаен – не би имале можност за согласност.
Ситуацијата дополнително се комплицира со фактот што минувачите можеби воопшто нема да знаат дека се скенирани. Сегашните Ray-Ban Meta паметни очила светнат при снимање – функција насочена кон заштита на приватноста, веројатно извлечена од лекциите што ги научи Big Tech по негативните реакции на јавноста кон поранешните Google Glass. Но, наводно Мета повторно размислува дали воопшто треба да има активно светло кога уредот е во „super-sensing“ режим – што е прилично загрижувачки.