Samsung Display ќе биде задолжен за производство на екранот за преклопниот iPhone, кој ќе биде понапреден од екранот на Galaxy Z Fold.
Apple го подготвува својот прв преклопен iPhone, а екранот за тој уред ќе го изработува Samsung Display. Она што особено изненадува е фактот што тој екран ќе содржи технологија што во моментов не ја поседува ниту самиот Galaxy Z Fold 6 на Samsung.
Имено, допирниот слој ќе биде вграден директно во панелот, што ќе ја намали вкупната дебелина на склопот за околу 19 проценти, додека истовремено ќе ја намали и тежината на уредот. Дополнително, Samsung Display наводно ќе користи нови производствени процеси за тој екран, кои значително ја унапредуваат репродукцијата на боите и осветленоста, сето тоа со цел да се исполнат строгите стандарди на Apple.
Оваа соработка уште еднаш потврдува колку е профитабилен односот меѓу Samsung и Apple, а на крајот не е исклучено ни Samsung во иднина да ја искористи оваа технологија за своите сопствени преклопливи модели.
Според неофицијални информации, преклопливиот iPhone ќе има 5,5-инчен надворешен OLED и внатрешен екран од 7,8 инчи. Станува збор, значи, за таканаречен „book-style“ уред што се преклопува како книга, па Apple веројатно ќе го позиционира како уред наменет за професионалци и деловни корисници кои би можеле да имаат корист од поголем екран.
Имајќи го тоа предвид, лесно може да се заклучи дека и цената нема да биде ниска. Првичните проценки велат дека преклопливиот iPhone ќе чини повеќе од 2.000 долари, но имајќи ги предвид неодамнешните царински мерки на Трамп, конечната цена би можела да биде и повисока од очекуваното. Производната цел на Apple за преклопливиот iPhone на почетокот би требало да изнесува 9 милиони примероци годишно, со можност за зголемување до 15 милиони, во зависност од интересот на купувачите.