Sony на 15 мај ќе ги претстави WH-1000XM6, нови слушалки со активна елиминација на бучава (ANC), кои ќе бидат наследници на популарниот модел XM5.
Sony официјално го потврди датумот на претставување на своите нови водечки слушалки со активна елиминација на бучава – моделот WH-1000XM6, наследник на познатиот XM5. Презентацијата ќе се одржи на 15 мај во 18 часот по наше време и ќе може да се проследи на YouTube.
Според досега достапните информации, WH-1000XM6 носат неколку значајни унапредувања. Најголемата новина е воведувањето на новиот QN3 процесор, кој треба дополнително да ја подобри квалитетата на звукот и ефикасноста на ANC системот – карактеристики по кои слушалките на Sony веќе со години се меѓу најдобрите на пазарот.
Дополнително, новиот модел има редизајниран механизам за шарки што овозможува преклопување на слушалките, правејќи ги покомпактни и попрактични за секојдневно носење. Иако сѐ уште нема официјална потврда, се шпекулира и за можноста за водоотпорност, што би претставувало значителен чекор напред за овој тип на производ.

Цената сè уште не е позната, но речиси е сигурно дека овие слушалки нема да бидат поевтини од нивниот претходник, чија почетна малопродажна цена во Европа изнесуваше 420 евра.

