Нови гласини наведуваат дека Samsung Galaxy S25 FE би можел да добие MediaTek Dimensity 9400 наместо очекуваниот Exynos 2400e, но само доколку Samsung не успее да произведе доволно сопствени чипови.
По претставувањето на Galaxy S24 FE во октомври, веќе започнаа гласини за неговиот наследник – моделот S25 FE, кој би можел да има помоќен SoC отколку што првично се очекуваше.
Според GSM Arena, првичните информации сугерираа дека Galaxy S25 FE ќе го користи Exynos 2400e, идентичен со оној кај S24 FE, што разбирливо би разочарало дел од потенцијалните купувачи кои очекуваат значителен напредок.
Сепак, новите гласини сега укажуваат дека Samsung би можел да тргне по друг пат и наместо тоа да го избере MediaTek Dimensity 9400. Но, таа промена би се случила само ако сопственото производство на Samsung не успее да обезбеди доволно количини од Exynos 2400е.
Иако многу корисници сигурно би го поздравиле Dimensity 9400 во S25 FE поради неговите значително подобри перформанси, Samsung од разбирливи причини претпочита да користи сопствен, поевтин SoC. Сепак, доколку се покажат точни и другите неофицијални информации според кои се претпоставува дека S25 FE нема да донесе многу други надградби, промената на SoC со помоќен модел би можела барем делумно да ја поттикне продажбата на Galaxy S25 FE.



